Турција

Механичарка ги урива предрасудите, мајсторката Хатиџе врши редовен сервис и поправка на автомобили

- Пред речиси две години, поради дефект на воланот на нејзиниот автомобил, Хатиџе Картал отишла во автосервисот во Втората мала индустриска зона, а токму таму се родил и интересот за автомеханиката и поправката на возила.

Arif Yavuz  | 25.02.2026 - Обновена : 25.02.2026
Механичарка ги урива предрасудите, мајсторката Хатиџе врши редовен сервис и поправка на автомобили Arif Yavuz/AA

АФЈОНКАРАХИСАР (АА) - Хатиџе Картал (25), која живее во турскиот град Афјонкарахисар, пред околу две години купила автомобил што по извесно време го однела во автосервисот, каде што подоцна и се вработила.

Картал со семејството живее во селото Анајурт, во областа Шухут. Од мали нозе таа се занимавала со спорт.

Постигнала успеси во женски фудбал, во тајландската боречка вештина муај-таи и во борење со раце, но и покрај постигнатиот успех, по завршувањето на средното училиште морала да направи пауза од спортот поради здравствени проблеми.

Пред речиси две години, поради дефект на воланот на нејзиниот автомобил, Картал отишла во автосервисот во Втората мала индустриска зона, а токму таму се родил и интересот за автомеханиката и поправката на возила.

Честите дефекти на нејзиниот автомобил ја натерале Картал редовно да го посетува автосервисот. Подоцна директно од сопственикот Ахмет Ајер побарала да работи тука. Откако Ајер го забележал нејзиниот интерес за автомеханиката, ја прифатил понудата. Картал почнала да работи во сервисот како чирак.

Со текот на времето Хатиџе Картал ги усовршила своите вештини, а сега прави дијагностика на возила, промена на масло, редовно сервисно одржување и поправки.

Картал за Анадолу изјави дека вработените во сервисот ги смета за свое семејство и дека меѓу нив владее однос како меѓу браќа и сестра.

Таа истакна дека професионално многу напреднала во споредба со првите денови во сервисот.

„Во нашиот сервис работиме со приоритет на задоволството на клиентите. Поседувам сертификат за мајстор по автомобилска електромеханика. Возилата ги поврзуваме на компјутер за да ги дијагностицираме дефектите, по што вршиме поправка или редовен сервис. Заедно со другите вработени, со помош на дигалка ги креваме возилата, ги вадиме моторите, ги менуваме деловите и ги поправаме возилата“, изјави Картал.

Таа нагласи дека ставот кон жените вработени во индустриската зона е многу поразличен.

Клиентите што доаѓаат на нејзиното работно место постепено се навикнале на неа, вели Картал и додава: „Верувам дека ќе ги урнам предрасудите за жените вработени во индустрискиот сектор во Афјонкарахисар, но и низ цела Турција. Не постои нешто што жената не може да го направи. Сакам да ја покажам силата на жената пред мажите. Жените што доаѓаат кај нас се изненадени кога ќе ме видат, па дури и многу се радуваат.“

Картал напомена дека сон ѝ е да отвори сервис за поправка на автомобили во кој ќе биде вработен исклучително женски кадар.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.