Arif Yavuz
17 Мај 2021•Ажурирај: 19 Мај 2021
АФЈОНКАРАХИСАР (AA) – АРИФ ЈАВУЗ –
Со инвестициите и новиот концепт, како што се балоните со топол воздух, долината Фригија се очекува во јуни месец да биде отворена за туристите, пишува Агенција Анадолија (АА).
Фригија, населено место старо 3.000 години, лоцирана на широко географско подрачје како што се Ескишехир, Кутахја, Анкара и Афјонкарахисар, е вклучена на привремената листа на светското културно наследство на УНЕСКО од 2015 година.
Историската долина Фригија, која изгледа како природен музеј на отворено, воодушевува со своите бројни гробници врежани во карпите, монументалните споменици, пештерите.

Областа Ихсаније, што опфаќа важен дел од долината Фригија, неодамна стана нова туристичка дестинација со инвестициите базирани на проектите направени од Министерството за култура и туризам на Турција, Министерството за животна средина и урбанизација и Гувернерството на Афјонкарахисар.
Заменик-гувернерот на Афјонкарахисар, Мехмет Бозтепе, во изјавата за Агенција Анадолија (АА) рече дека во областа се направени значителни инвестиции во однос на туризмот.
Наведувајќи дека проектот „Езерото Емре и градината за цивилизација Фригија“ се завршени, Бозтепе рече:
„Инвестицијата во езерото Емре беше извршена во три фази. Завршена е целата работа за реставрација и уредување на делот од градината за цивилизација Фригија. Исто така, компанијата што работи со балони со топол воздух ги заврши своите подготовки. Балоните со топол воздух ќе почнат да летаат од 18 мај.“

- „Од 15 јуни ќе започнеме да примаме туристи“ -
Меѓу другото, Бозтепе нагласи дека за кратко време ќе се одржи тендер за изградба на Центар за јавање коњи и стрелаштво околу езерото Емре.
Наведувајќи дека забрзани се инвестициите во проекти во туристичкото село Ајазини, Бозтепе рече: „Во моментот, завршени се активностите за уредување и за реставрација на некои области во селото. Бидејќи селото Ајазини е старо населено место, електричните и телефонските линии се поставуваат под земјата. Исто така ја обновуваме и инфраструктурата за вода. До крајот на јуни ќе ја завршиме и изградбата на патиштата во селото.“
Бозтепе истакна дека туристите во селото ќе може да доаѓаат од 15 јуни.
Чигдем Аџар, една од жителите на селото Ајазини, изјави дека во регионот продолжуваат многу интензивни инфраструктурни и реставраторски работи и дека од јуни може да ги пречекаат домашните и странските гости.
Фатих Чалишир, кој се наоѓа во посета на Фригија, истакна дека многу му се допаѓа околината на езерото Емре и ги покани во регионот да дојдат сите што сакаат да поминат пријатни мигови.