Diyar Güldoğan
06 Септември 2018•Ажурирај: 07 Септември 2018
ТРАБЗОН (АА) - Манастирот „Сумела“, познат и како манастир „Дева Марија“, во турската област Трабзон покрај Црното Море, привлекува посетители, и покрај тековните реставраторски работи, пишува Anadolu Agency (AA).
Лоциран во подрачјето на Мачка во Трабзон, манастирот „Сумела“ е место со историско и културно значење, но и главна туристичка атракција. Во 2000 година манастирот е ставен на Привремената листа на светско наследство на УНЕСКО.
Изграден на стрмни падини, на надморска височина од 1.200 метри, во националниот парк „Алтиндере“, манастирот „Сумела“, повторно, по 88-годишна пауза, ги отвори своите врати за религиозна служба на 15 август, 2010 година, со дозвола на Министерството за култура и туризам.

Али Ајвазоглу, обласниот претставник на Министерството за култура и туризам, за АА изјави дека манастирот привлекува големо внимание и кај странските и кај домашните туристи, и покрај тоа што моментално е затворен за посета поради тековните реставраторски активности.

„Манастирот „Сумела“ е затворен поради реставрација од септември, 2015 година. Нашите посетители беа во можност да го посетат манастирот, иако реставрацијата продолжува од 2016 година, па сѐ до денес“, рече Ајвазоглу.
Тој истакна дека манастирот во првите 8 месеци од оваа година го посетиле околу 300.000 туристи.

До крајот на 2018 година се очекува манастирот „Сумела“ да го посетат над 500.000 посетители, додаде Ајвазоглу.
„Сумела“ е манастирски комплекс изграден на стрмните карпи и падините на долината Алтиндере. Неговата изградба започнала во 385 година од новата ера.