Muhammet Emin Avundukluoğlu
20 Мај 2021•Ажурирај: 20 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Комисијата за човекови права на турскиот Парламент денеска формираше поткомисија која ќе ги истражува прекршувањата на човековите права во Палестина од страна на Израел, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ја споделуваме болката на Палестинците и ги истакнуваме правата на Палестинците да живеат како луѓе. Силно ја осудуваме израелската неограничена агресија и му кажуваме на светот дека никогаш нема да се согласиме на тоа“, изјави Хакан Чавушоглу, шефот на Комисијата за човекови права на Парламентот, за членовите на поткомисијата во Анкара.
Чавушоглу исто така рече дека кршењето на човековите права од страна на Израел треба да биде законски и морално осудено за да не остане без одговор.
Во меѓувреме, претседателот на турскиот Парламент, Мустафа Шентоп, поздравувајќи го формирањето на поткомисијата, напиша на Твитер: „Посакувам успешна работа за кратко време.“
„Најмалку 230 Палестинци загинаа, вклучувајќи 65 деца и 39 жени, а над 1.700 се ранети во израелските напади врз Појасот Газа од 10 мај“, соопшти денеска палестинското Министерство за здравство. Цел на тие напади се здравствените домови, медиумските простории и станбените квартови.
Тензиите на Блискиот Исток избија за време на Рамазан, откако израелските сили извршија напади врз верниците во „Ал Акса“. Додатна ескалација на тензиите предизвика и одлуката на израелските власти за деложација на палестинските семејства од квартот Шејх Џерах.