Hatice Şenses Kurukız,Berk Özka
21 Мај 2021•Ажурирај: 22 Мај 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека целиот свет треба да го знае вистинското лице на терористичката држава Израел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган присуствуваше на свеченото отворање на седмата делница на Автопатот „Северна Мармара“ (Kuzey Marmara Otoyolu – KMO), а во обраќањето истакна дека со тоа е завршена изградбата на тој исклучително важен автопат кој ги спојува Истанбул со индустриските центри во Коџаели и Сакарја, но дека претставува и автопат кој ги спојува Азија и Европа.
„Ги завршивме сите делници од овој автопат. Мраморниот Регион е еден од најфреквентните кога станува збор за потенцијалите за прирастот на населението, развојот на производството, трговијата и туризмот и тој регион ќе го украсиме со овој автопат“, рече Ердоган.
Станува збор за автопат чија изградба започна во 2013 година. Првично беше проектиран во должина од 398,4 километри, а потоа му беше додадена уште една 45 километри долга делница.
Ердоган истакна дека автопатот ќе ѝ донесе на Турција повеќекратна корист, а пред сѐ заштеда на време, пари и гориво, и дека се проценува оти годишните емисии на јаглерод диоксид ќе се намалат за 351.000 тони.
Истакнувајќи дека станува збор за инвестиција вредна 1,7 милијарди долари, Ердоган рече дека новоотворената делница претставува и спојница со голем трикатен тунел што ќе се гради во Истанбул.
Тој рече дека во тек е изградбата на големиот мост „Чанаккале 1915“, чија импозантна силуета никого не остава рамнодушен.
„Наскоро ќе ги поставиме темелите и ќе започнеме со изградба на првиот мост и во рамките на проектот за изградба на Каналот Истанбул, што ќе биде дело што сигурно ќе остави трага во историјата и ќе биде уште еден извор на гордост за нашата земја“, рече Ердоган.
Турскиот претседател во оваа пригода се осврна и на ситуацијата во Палестина и нападите што израелските сили ги спроведуваа врз Газа во изминатите 11 дена.
Тој порача дека Турција ќе продолжи да ја поддржува палестинската борба и на целиот свет ќе му ја кажува вистината за Израел и обесправувањето на Палестинците.
„Палестина нè чека, не заборавајте го тоа“, порача Ердоган.
Потсетувајќи на посебната седница на Генералното собрание на Обединетите нации, одржана вчера, за случувањата во Палестина, Ердоган рече дека од таа седница гласно е испратена пораката за процесот на израелската окупација на палестинската територија што трае од 1947 година.
„Целиот свет треба да го знае вистинското лице на терористичката држава Израел“, порача Ердоган, и додаде дека особено ги повикува младите да сфатат каква земја е всушност Израел.
Ердоган исто така рече дека сите угнетени во светот го чекаат денот на издигнувањето на силна Турција.