Michael Gabriel Hernandez
21 Јули 2020•Ажурирај: 22 Јули 2020
АНКАРА
Портпаролот на кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин денес истакна дека Турција одлучно се противи на поделбата на Либија, било начелно или по закон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Апсолутно сум против растурањето на Либија, дали во стварност или на карта, политички или географски“, нагласи Калин во интервју за лондонскиот Си-ен-ен Интернешнал и додаде:
„Тоа би било поразувачко сценарио. Слични случаи видовме во Ирак, во Сирија, и на други места. Од тоа би требале да извлечеме пораки“.
Либија е разорена од граѓанска војна која настана по соборување на Муамер Гадафи во 2011 година. Новата влада на таа земја е основана во 2015 година врз темел на договорот под покровителство на ОН, но напорите за долготрајно решение не успеаја поради воената офанзива на силите лојални на Калифа Хафтар.
ОН ја признаваат либиската влада предводена од Фајез ал-Сараџ како легитимна влада, која се брани од милитантите на Хафтар по нападот врз Триполи во април 2019 година. Владата во март ја започна операцијата „Мирна бура“ против силите на Хафтар за да се спротивстави на неговите напади врз главниот град Триполи и неодамна ослободените стратешки места, вклучувајќи ја и воздушната база Ал-Ватија и градот Тархуна, последното упориште на Хафтар во западна Либија.
Калин изјави дека Владата на Турција ќе продолжи да ја поддржува Владата на национално единство на Либија, која е призната од страна на ОН, обвинувајќи го Хафтар дека сее „пустош“ во Либија.
„Се обиде да го протурка својот пат и направи обиди да ја подели Либија или да преземе контрола над Либија без било каков легитимитет“, изјави Калин, велејќи дека Хафтар го кршел секој поединечен договор, примирје или мировен процес во последните две години.