Zafer Fatih Beyaz
03 Јануари 2020•Ажурирај: 04 Јануари 2020
АНКАРА
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, во врска со убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани, истакна дека тие како Турција ги повикуваат сите страни да дејствуваат со здрав разум, и да ги избегнат чекорите што ќе ги зголемат тензиите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Калин во објава на Твитер се осврна на убиството на генерал Касим Сулејмани, командантот на Силите на Ерусалим при Иранската револуционерна гарда, за време на воздушниот напад од страна на САД.
Тој нагласи дека како што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вели во секоја прилика, грешките што се прават една по друга во последниот период во регионот, како и секташките ставови и надворешните интервенции, станале закана за глобалниот мир и глобалната стабилност.
„Изразуваме голема загриженост што се однесува до тоа нашиот сосед Ирак да стане зона на тензии, нестабилност и стекнување со влијание“, рече Калин, и додаде:
„Во овие рамки, нападот врз генерал Касим Сулејмани, командатот на Силите на Ерусалим при Иранската револуционерна гарда и луѓето што биле со него, ќе поттикне нови тензии и конфликти во регионот. Ние како Турција уште еднаш ги повикуваме сите страни да дејствуваат со здрав разум и да ги избегнат чекорите што ќе ги зголемат тензиите. Нашата земја ќе продолжи на најширок начин да ги користи сите можности на дипломатијата со цел осигурување на регионалниот и глобален мир.“