Kasım İleri
27 Декември 2021•Ажурирај: 28 Декември 2021
ЧИКАГО
Портпаролот на турското претседателство, Ибрахим Калин изјави дека е отворена нова страница во историјата на Азербејџан со ослободувањето на регионот Карабах, јавува Агенција Анадолија (АА).
Калин зборуваше на состанокот што го организираа турскиот амбасадор во САД, Хасан Мурат Мерџан и генералниот конзул во Чикаго, Енгин Туресин.
Калин, исто така, во турскиот генерален конзулат во Чикаго се состана со турските граѓани кои живеат во САД, каде што присуствуваше на годишната конвенција MAS-ICNA, една од најголемите исламски конвенции во Северна Америка.
Зборувајќи дека односите меѓу Турција и САД се доволно критични за да се развие перспектива за стратешко партнерство, Калин истакна: „Но, видовме дека пристапите што ја игнорираат перцепцијата на Турција на закани и заканите со кои се соочуваме, исто така се спроведуваат од страна на американските администрации“.
Калин рече дека во борбата против тероризмот, Турција очекува американската администрација да биде на ниво, опсег и длабочина што Анкара ги очекува.
Калин потсети дека главните несогласувања меѓу двете земји се континуираната поддршка на САД на терористичката организација ЈПГ/ПКК во Сирија, американските санкции кон Турција поради купувањето на руските системи за воздушна одбрана С-400, отстранувањето на Турција од програмата Ф-35 и нејзиниот однос кон ФЕТО .
Сепак, тој рече дека покрај контроверзните прашања, има и области во кои Турција и САД продолжуваат да работат и да се согласуваат.
Како одговор на прашање за активностите на ерменското лоби во САД против Турција, Калин истакна дека сега има поинаков процес на Кавказ кој е на пат да ги поништи аргументите на ерменската дијаспора.
„Со други зборови, турско-ерменскиот конфликт завршува во Кавказ. Со ослободувањето на Карабах, со неговата независност и приклучувањето кон азербејџанските земји, таму се отвори нова страница во историјата“, нагласи Калин.
Калин потсети и дека Турција и Ерменија презеле чекори за нормализирање на односите, а процесот на нормализација ќе даде голем придонес за Ерменија, и политички и економски.
- Ослободување на Карабах
Односите помеѓу Ерменија и Азербејџан се тензични од почетокот на 1990-тите години кога Ерменија го окупира Нагорно Карабах и уште седум соседни региони кои се суверен дел на територијата на Азербејџан.
Кога избувнаа нови судири на 27 септември 2020 година, ерменската армија започна напади врз цивили и азербејџански сили и прекрши неколку хуманитарни договори за прекин на огнот.
Во текот на 44-дневниот судир што почна кон крајот на септември минатата година, Азербејџан ослободи неколку града и 300 населби и села кои Ерменија нелегално ги држеше под окупација речиси 30 години.
Конфликтот заврши во ноември 2020 година со договор постигнат со посредство на Русија, според кој Ерменија отстапи делови од територијата што ја имаше окупирано со децении.
На 11 јануари, лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија потпишаа пакт за развој на економски врски и инфраструктура во корист на целиот регион. Тоа вклучуваше формирање на трилатерална работна група за Карабах.
Прекинот на огнот се смета како победа на Азербејџан и пораз на Ерменија, чии вооружени сили се повлекоа во согласност со договорот.
Пред оваа победа, околу 20 отсто од територијата на Азербејџан беше под нелегална окупација речиси 30 години.