Orhan Onur Gemici,Dmitri Chirciu
01 Мај 2022•Ажурирај: 03 Мај 2022
КИЕВ (АА) – Продолжувањето на мировниот процес во Истанбул може да одигра „клучна улога“ за завршувањето на руско-украинската војна, истакна доцна синоќа портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изјавите на Калин дојдоа по неговата средба со украинскиот претседател Владимир Зеленски и Андреј Јармак, шефот на Кабинетот на украинскиот претседател во Киев, каде што тој престојуваше за да разговара за војната и за односите меѓу Украина и Турција.
„Продолжувањето на процесот во Истанбул, особено, може да одигра клучна улога во завршувањето на оваа војна. Ние, исто така, интензивно работиме на ова“, изјави Калин за Агенција Анадолија.
„Ќе продолжиме да вложуваме големи напори отсега натаму за ставање крај на војната. Затоа што нема да има победник во оваа војна. Украина и Русија, и двете ќе загубат“, рече тој.
„Но, не само овие две земји, туку и земјите од регионот ќе бидат неповолно погодени, а негативно ќе бидат погодени и глобалните пазари“, додаде портпаролот на турскиот претседател.
Нагласувајќи дека ставањето крај на војната преку преговори и дијалог е „наша примарна цел“, Калин рече: „Но, се разбира, колку подолго трае војната, толку стануваат потешки условите. Ситуацијата стана поитна, особено во однос на прекинувањето на нападите врз цивилите.“
Тој истакна дека за време на неговата посета на Киев спровел опсежни разговори за евакуацијата и отворањето хуманитарен коридор, особено во Мариупол.
Калин додаде дека Зеленски ја пофалил поддршката на Турција за Украина и ѝ се заблагодарил за нејзината урамнотежена дипломатија и за нејзиниот пристап кој им дава приоритет на преговорите.
- Потреба од воспоставување хуманитарен коридор -
„Продолжувањето на судирот и нападите од Русија го прави процесот на [преговори] потежок“, рече Калин, особено со откопувањето на масовните гробници и сликите што се појавија во Буча, Ирпин и Мариупол.
„Итно ни е потребно воспоставување хуманитарен коридор и евакуација на цивилите и ранетите војници. Нашите напори во оваа насока продолжуваат“, рече тој.
„Ние, исто така, оценуваме каква улога ќе имаат ОН овде. Ги интензивираме нашите напори и билатерално и во координација со ОН за реализација на овие евакуации“, додаде Калин.
- Контактите со Русија -
На прашањето дали Турција ќе одржи состанок со руската страна по неговата посета на Украина, Калин рече: „Се разбира, нашите контакти со Русија продолжуваат како што знаете.“
„Ние ќе продолжиме да бидеме во контакт со руската страна бидејќи со цел да се донесат двете страни на масата и да се спречат судирите, неопходно е да се одржи контакт со руската страна“, нагласи Калин.
Најмалку 2.899 цивили загинаа, а 3.235 се повредени во Украина од почетокот на војната на 24 февруари, според проценките на ОН.
Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Над 5,4 милиони луѓе пребегнале во други земји, а околу 7,7 милиони се внатрешно раселени, покажуваат податоците на Агенцијата за бегалци при ОН.