Burak Bir
30 Април 2022•Ажурирај: 01 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Анкара и Ријад покажале заедничка волја за развој на билатералните односи на највисоко ниво, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи пред новинарите во претседателскиот авион на враќање од Саудиска Арабија, Ердоган рече дека Турција и Саудиска Арабија се решени да продолжат со напорите за заеднички интерес и стабилност на регионот.
„Верувам дека мојата посета ќе навести нова ера во односите меѓу нашите две земји. Ја покажавме нашата заедничка волја за унапредување на односите врз основа на заемно почитување и доверба, најјасно и на највисоко ниво“, рече турскиот претседател.
Ердоган нагласи дека се надева дека заедничките билатерални напори ќе донесат придобивки за двете земји и за регионот.
При дводневната посета на Саудиска Арабија, Ердоган се сретна со саудискиот крал Селман бин Абдулазиз ал Сауд, како и со престолонаследникот Мухамед бин Селман, со кои разговараше за различни меѓународни, регионални и билатерални прашања.
„Се фокусиравме на заедничките чекори што можеме да ги преземеме за да ги подобриме нашите односи во иднина... Ја повторив нашата поддршка за безбедноста и стабилноста на Саудиска Арабија“, рече Ердоган.
Нагласи дека Турција, исто така, придава големо значење на безбедноста и стабилноста на регионот на Персискиот Залив.
Додаде дека Анкара и Ријад се согласиле дека е потребно здружување на деловните луѓе и инвеститорите од двете земји.
Турскиот претседател најави дека Турција ќе ја поддржи кандидатурата на Саудиска Арабија за да биде домаќин на „World Expo 2030“ во Ријад.
Односите меѓу Турција и Саудиска Арабија се влошија во последниве години, но двете земји сега се обидуваат да ги обноват.
- „Пријатели, не непријатели“ -
Турција, исто така, беше во преговори со Египет, Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за нормализирање на односите.
Ердоган ја опиша новата ера како процес на стекнување пријатели, а не непријатели, и дека односите треба да се подобрат со земјите со кои „споделуваме исти верувања и размислувања“.
Тој рече дека Турција има одлучувачка улога во регионалните односи со Египет и Израел и дека нема да добие ништо со целосно прекинување на односите.
„Турција има политика кон Израел, а таква политика е можна и со Египет“, рече Ердоган, додавајќи дека позитивните резултати покажуваат дека може да се преземат чекори и на повисоко ниво.
Во одговор на прашањето за резултатите од француските претседателски избори, Ердоган истакна дека елиминацијата и загубата на екстремистите на изборите е „победа за целиот свет“. Претседателот Емануел Макрон освои втор мандат, победувајќи ја противкандидатката од екстремната десница Марин Ле Пен во вториот круг од изборите што се одржаа на 24 април.