Faruk Zorlu
25 Јуни 2019•Ажурирај: 26 Јуни 2019
ИЗМИР
Во рамките на истрагата против елементите на терористичката организација ФЕТО инфилтрирани во Турските вооружени сили, турското Обвинителство издаде налог за лишување од слобода на вкупно 36 осомничени лица, јавува Anadolu Agency (AA)
Обвиниелството во Измир нареди приведување на 36 лица, кои се товарат за поврзаност со терористичката организација ФЕТО и директни контакти со позиционираните челници на таа терористичка група.
На списокот за приведување се наоѓаат најмалку 22 активни припадници на турската Војска.
Постапувајќи по налог на Обвинителството, турската полиција започна акција за приведување на осомничените во 18 градови низ Турција.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција, во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во САД, а чие испорачување Турција формално го бараше од САД.
Членовите на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се така во институциите на државата. Потоа, најпрво во декември 2013 година, во правосудството на Турција, преку наместениот процес за наводна корупција, членовите на ФЕТО се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвав обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули офицерите во турската Војска, лојални на таа терористичка организација, започнаа пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа турските официјални претставници. За време на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а ранети се околу 2.200 лица.