Bojana Stojanovic
23 Јули 2018•Ажурирај: 24 Јули 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Единствениот град на два континента, на крстопатот на Европа и Азија, мешавина од историскo и современo, Истанбул е престолнина која остава без здив, без разлика дали зборуваме за историјата, бројните занимливости и активности, со сите мириси и вкусови кои овој најголем град на Балканот ги пружа, пишува Anadolu Agency (AA).
При посетата на Истанбул имате можност да го видите легендарното културно наследство на „Пера Палас“, познатиот историски хотел во Истанбул, отворен во 1892 година. Во овој хотел престојувале Алфред Хичкок, Ернест Хемингвеј, а легендата вели дека токму во него Агата Кристи го напишала детективскиот роман „Убиство во Ориент експрес“.

Собата број 411 во хотелот го носи името на оваа писателка, а посебна е и собата број 101, во која престојувал и основачот на современа Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, а која сега е музеј на неговите лични предмети, од облеката која сам ја дизајнирал, до насловната страница на списанието „Тајм“, на која се најде како прв човек од Турција.
Невозможно е да бидете во Истанбул, а да не пробате турски чај, кафе и многу други турски специјалитети - од зачинети домати, турско пиде, ќебапи, локални сирења со ф’стаци, бадеми, разни пити, турски слатки...
Во европскиот дел од градот има метро кое датира од 1875 година и кое сообраќа од Таксим до Каракој.
Од Каракој до азиската страна се стигнува со траект, кој нуди незаборавен поглед на целиот град.

Во азискиот дел, веднаш може да се почувствува автентичноста на градот, која се огледува во различните мириси на зачини, месо, храна, зеленчук и овошје, големи пазари на кои може да се купи речиси сè, како и да уживате во подготовката и послужувањето на турското кафе со локум.
Во овој дел има слаткарници кои датираат од 1777 година во кои се продаваат локум и други локални слатки, без вештачки шеќери, како и мали ресторани кои служат различни видови турска пица, донер или ќебапи.
Во целиот град можете да го почувствувате неговиот несекојдневен шарм, совршен спој на традицијата и модерното, а на улиците може да се пробаат ѓевреци, турски специјалитети, различно овошје... Но она што е интересно е односот кон животните во Истанбул. Рестораните имаат непишано правило на кучињата и на мачките да им ја даваат преостанатата храна.

На аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, сите патници од бизнис-класата на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ може да ги почувствуваат придобивките на големиот салон кој се простира на два ката и кој им овозможува на пауза да играат игри, голф, билијард, да гледаат филмови во кино-сала. Салонот поседува канцелариски дел со лаптоп и десктоп компјутери, а воедно може да се вкусат и турските специјалитети, како и медитеранската кујна.
Истанбул годишно го посетуваат милиони туристи, и претставува една од омилените дестинации на која луѓето често се навраќаат.