Amina Zorniç
10 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (AA) - Снегот што неколку дена непрестајно паѓа во Истанбул, речиси целосно го прекри паркот со реплики на монументалните турски градби, јавува Anadolu Agency (AA).
„Миниатурк“ е единствениот парк од овој вид во градот на Босфорот и е сместен во заливот Златен Рог.
Долината на паркот е исполнета со стотици минијатурни реплики на градби од сите периоди на турската историја и анадолската цивилизација, од древните истанбулски, анадолски градби до оние од подрачјата во рамките на Османлиското Царство.
Минијатурните реплики се сместени во природен амбиент со музичка подлога, а меѓу нив се славната Аја Софија, џамијата Селмија, тврдината Румели, кулата Галата, манастирот Сумела, мавзолејот во Халикарнас, па сè до репликата на Стариот мост во Мостар
Градбите се создадени со сите свои украси, но во зданија малку пониски од просечната висина на човек.
На тој начин, стотици илјади туристи секоја година преку прошетките во паркот воедно патуваат низ времето и историјата, преку културни и цивилизациски епохи, гледајќи ги градбите направени од човечка рака, оние изработени пред повеќе од 3.000 години до денешниот современ период.
Со оглед на тоа што сите градби во паркот се поставени под отворено небо, на 60.000 квадратни метри, во изминатите денови речиси сите беа прекриени со дебел слој од снег, кој го облече во бело градот на Босфорот.