İlyas Kaçar
01 Септември 2022•Ажурирај: 02 Септември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Историскиот траект „Пашабахче“ од Истанбул, по обновувањето продолжува со пловидба, јавува Агенција Анадолија (АА).
Траектот е обновен од страна на Општина Истанбул. Како еден од најмодерните траекти од видот „градинарски“ во своето време, „Пашабахче“ својата пловидба ја започна како 29. брод од флотата на градски линии. Сообраќаше вкупно 58 години.
Траектот „Пашабахче“ беше обновен за една и пол година во бродоградилиштето Халич, при што беше земена предвид безбедноста на пловидбата. На бродот работеа вкупно 200 лица.
Обновена е палубата наречена „Артемида“, за која се наведува дека постоела од првичната изградба на траектот.
Посетителите на бродот ќе можат да ја видат Изложбата на фотографии насловена „Модели на брод“ и архивата подготвена од Решит Ерол, син на инженерот Џелалетин Ерол, кој ги напиша првите технички спецификации на бродот „Пашабахче“.
- „Како феникс што се издига од пепелта“ -
Капетанот Сердар Ерсој во изјава за медиумите рече дека се многу среќни од тоа што траектот „Пашабахче“ започна повторно да плови и што ја гледаат возбудата на лицата на патниците.
Нагласувајќи дека своите патници ќе продолжат да ги прават среќни и горди, Ерсој рече: „Бродот „Пашабахче“ е настан како повторното раѓање на феникс од неговата пепел. Вложени се големи напори. Сите заедно успеавме, многу сум среќен и горд. Траектот е изграден како морнарски брод и е трет од типот „градинарски“ и единствен брод кој преживеа до ден-денес.“
Историски регистрираниот траект „Пашабахче“ е изграден во пристанишниот град Таранто во Италија во 1952 година по порачка на Туркије како патнички брод.
Траектот, кој може да се движи до 18 јазли на час, долг е 73,84 метри и широк 12,98 метри. Од Италија со сопствен мотор пристигна во Истанбул за два и пол дена.
Траектот, кој претходно служеше на линијата Адалар - Јалова, се планира повторно да сообраќа на истата линија.