ИСТАНБУЛ (AA) - Чидем Алјанак -
И покрај влијанието на дигитализацијата врз музичката индустрија, продажбата на грамофонските плочи, за кои сè уште се смета дека најдобро ја пренесуваат музиката до ушите на слушателите, значително порасна во периодот на пандемијата на коронавирусот. Продавачите на плочи во Истанбул бележат рекордна продажба, пишува Агенција Анадолија (АА).
Периодот на пандемијата, што трае приближно една година, беше време кога луѓето, затворени во своите домови, трагаат по некои нови хобија и занимања, но исто така и се вратија на некои свои стари, заборавени интересни нешта. Така во овој период фокусот е префрлен на филмовите, сериите, книгите, занаетите, музиката, а меѓу другото, и на грамофонските плочи.
Со оглед дека пандемијата имаше катастрофални последици врз секоја област на трговијата, некои позитивни очекувања кај продавачите на грамофонските плочи во овој период речиси и да немало. Сепак, интересот за „старите носачи на звукот“ порасна во време на пандемијата.
Едно од прифатливите објаснувања за тоа е фактот што во турските сериии во последно време во значителна мерка како подлога се користи музиката што ја одбележа втората половина од минатиот век. Така и меѓу најбараните плочи беа оние со песните на тогаш популарниот турски пејач Ферди Озбеген.
Секако, ваквиот препород на интересот за носталгичните носачи на звукот измами и насмевка на лицата од сопствениците на антикварници и на продавачите на плочи, а еден од нив е и Ведат Испир, кој подолго од 30 години продава плочи на пазарот за антиквитети „Ферикоз“, во истанбулскиот кварт Шишли.
Испир, кој плочите ги продава и онлајн, сопственик е на голем број плочи од домашната, турска продукција, но и на една од најбогатите колекции на странска музика во оваа земја.
- Рекордна продажба на плочи на Ферди Озбеген
Наведувајќи дека порано немало некој поголем интерес за плочи, Испир појаснува дека тоа во последните неколку денови почнало да се менува. А денес, како што вели, интересот од ден на ден е сè поголем.
„Се сеќавам дека не така одамна, плочите се фрлаа. За жал, тогаш немав толку интерес и не ги собирав. Посебно по излегувањето на филмовите, зголемен е интересот за плочи, така растеше интересот за купување. Сега се бараат нашите постари пејачи. Тука се Ферди Озбеген, Орхан Генчебај, Муслим Хурсес, Зеки Мурен и многумина. Интересот за нив секогаш е голем. Семирамиш Пекан сега е многу баран“, раскажа Испир.
Објаснува дека оваа година почнала да се емитува телевизиска серија во која се користени песните на Ферди Озбеген. Тоа, според Испир, резултирало така што сите залихи на плочи од овој пејач се веќе продадени.
- Плочите се сè повеќе популарни -
Со ваквата ситуација на пазарот, додава Испир, сè поголем е бројот на луѓе што се интересираат за плочите, но и на оние што ги продаваат.
„Судејќи по сè, плочите ќе бидат сè повеќе популарни. Посебно може да се почувствува и порастот на интересот во периодот на пандемијата. Ние како продавачи сме задоволни. Луѓето ги сфатија плочите како одреден вид хоби, одлучуваат така да слушаат музика“, нагласи Испир.
Испир појасни и на што треба да се обрне внимание за време на купувањето на грамофонските плочи.
„Многу е значајна кондицијата. Постојат елементи кои ја одредуваат кондицијата, односно состојбата на плочата, според нејзините гребнатини. Сето тоа треба да се земе предвид за да не би имале проблеми со репродукцијата на звукот“, вели Испир.
- Цената на старите плочи се движи околу 25 евра -
Говорејќи за цените на плочите, Испир наведува дека старите плочи, со оглед дека станува збор за колекции, чинат од 200 до 250 турски лири (околу 25 евра), додека плочите од поново производство чинат 100 лири (нешто повеќе од 10 евра).
Потсетувајќи се дека поседува една од најбогатите странски колекции на плочи на подрачјето од цела Турција, Испир наведува дека ги купил во странство.
Секоја своја плоча ја послушал, а иако сакал, не бил во можност да оформи сопствена колекција.
„Фала му на Бога што го имам тоа задоволство и чувство за плочи. Плочите ги слушам уште од детството. Искрено, не правам колекција, но имам многу вредни купувачи кои ги собираат, многу ги ценам“, рече Испир.
Во Турција, додава тој, бројот на стари плочи е голем. Искажува жалење што во Турција не постои фабрика за производство на плочи, поради што сите плочи од поново производство ги набавуваат во странство.
Од надлежните очекува да обезбедат повеќе места на кои би можеле да се продаваат плочи, како во Истанбул, така и во другите турски градови.
news_share_descriptionsubscription_contact
