Dilan Pamuk
31 Јануари 2021•Ажурирај: 01 Февруари 2021
АНКАРА
Турската жандармерија вчера во главниот град Анкара уапси оперативец на ФЕТО, терористичката организација што стои зад крвавиот обид за пуч во Турција во 2016 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
За лицето со иницијалите А.Ј., поранешен учител, распишана е потерница пред четири години поради „воспоставување и членување во вооружена терористичка организација“, се наведува во соопштението на безбедносните сили.
А.Ј. со декрет од 2016 година е отпуштен од професијата учител.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.