ЈОЗГАТ (AA) - Зехра Багџи од Турција со сопствени средства плете кукли и ги подарува со цел да ги израдува децата без родителска грижа, јавува Анадолу.
Педесет и двегодишната Зехра Багџи од турскиот град Јозгат, мајка на две деца и баба на три внучиња, ја научила техниката на плетење од сосетка пред 30 години. Машината за плетење, која претходно ја имала тргнато, повторно ја поставила во дневната соба за да плете кукли за своите внучиња.
Со поддршка од сопругот Мустафа Багџи започнала да плете шарени кукли и за децата без родителска грижа. Својата желба ја остварила така што преку Обласната дирекција за семејство и социјални услуги доставила речиси 300 изработени кукли до децата сместени во детските домови.

Багџи повремено учествува и на хуманитарни базари организирани од различни институции и организации, придонесувајќи со своите плетени кукли.
Зехра Багџи, вработена во женскиот студентски дом во Јозгат, изјави за AA дека со секоја исплетена кукла чувствува дека допира до детско срце.
Таа наведе дека својата желба да ги усреќи децата без родителска грижа ја споделила со сопругот, по што заедно се зафатиле со работа.

„Заедно ги засукавме ракавите. Започнав да плетам кукли за децата без родителска грижа. Мојот сон е да усреќам многу деца. Додека ги плетам куклите, во секој бод го гледам лицето и насмевката на некое дете што ме прави многу среќна. Овие кукли ги осмислив и како придружници за спиење и игра. Моето внуче веќе две години спие со оваа кукла“, изјави Багџи.
Таа додаде дека самата ги дизајнира куклите и дека боите на конецот што ги користи ги избира според полот на децата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
