Претседателката Сиљановска-Давкова со честитки по повод 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик
„Посакувам да продолжиме да бидеме пример за заедништво во различноста и да се гордееме со нашата заедничка татковина. Честит нека ни е 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик.“
СКОПЈЕ (АА) – Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денес упати срдечни честитки по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик во земјата, пренесува Анадолу.
„Почитувани припадници на турската заедница, почитувани наставници, имам особена чест, во име на сите граѓани и во лично име, најсрдечно да ви го честитам 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик“, истакна претседателката во честитката објавена од нејзиниот Кабинет.
Таа посочи дека образованието на мајчин јазик е важно човеково право, суштинско за зачувување и за градење на националниот и културниот идентитет, но и за персоналниот развој и успех.
„На македонската држава, јазичниот императив ѝ беше јасен уште пред 81 година, кога ја воспостави наставата на турски јазик во тукушто ослободеното Скопје. Оттогаш до денес, континуирано и ревносно се негува турскиот збор, збогатувајќи го македонскиот мултикултурен идентитет“, истакнува Сиљановска-Давкова.
Таа по повод денот изрази голема благодарност на сите наставници и образовни работници коишто, како што нагласи, со својот труд, љубов, професионализам и посветеност, го шират знаењето на турски јазик и активно учествуваат во воспитувањето на мудри, благородни и хумани млади луѓе.
„Посакувам да продолжиме да бидеме пример за заедништво во различноста и да се гордееме со нашата заедничка татковина. Честит нека ни е 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик“, порача Сиљановска-Давкова, честитајќи го денот и на турски јазик.
