Kemal Karadağ
05 Ноември 2020•Ажурирај: 06 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - КЕМАЛ КАРАДАГ -
Од вкупно 289 судски постапки започнати во врска со обидот за пуч на 15 јули 2016 година во Турција, за кој е одговорна терористичката организација ФЕТО, 279 се завршени, додека 10 процеси сѐ уште се во тек.
Според податоците кои ги доби новинарот на Агенција Анадолија (АА), по неуспешниот обид за пуч на ФЕТО, турските обвинителства спроведоа повеќе од 100.000 истраги.
По завршувањето на овие истраги, досега се завршени 279 од 289 случаи во кои пучистите се изведени пред суд.
Во овие предмети се осудени вкупно 4.154 обвинети, 2.533 добија казна доживотен затвор, а меѓу нив 1.315 казна тежок доживотен затвор.
Судовите за 1.621 обвинет изрекоа затворски казни во распон од година и два месеца до 20 години. Некои обвинети се ослободени.
Од 10 преостанати судски процеси, 4 се водат пред судовите во Анкара, а останатите 6 во другите турски градови.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.