Enes Kaplan
14 Декември 2020•Ажурирај: 14 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека приоритет на меѓународната соработка треба да бидат земјите во развој, бегалците и раселените лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган упати видеопорака по повод одбележувањето на 60 години од постоењето на Организацијата за економска соработка и развој (OECD).
Тој потсети дека Турција е членка од самиот почеток.
„Турција, која има за цел осигурување на економскиот раст и развој, зголемување на благосостојбата и вработеноста, има ефикасна соработка и солидарност со ОЕЦД. 60 години низ подготвени договори и преговори, со примери на добра имплементација, формирани стандарди, поделени искуства и статистички анализи, Организацијата докажува дека е значаен актер во глобалната економија“, изјави Ердоган.
Тој наведе дека пандемијата покажала дека светот е кревок и колку луѓето зависат едни од други.
„Турција ги презеде сите потребни мерки за во овој период да го заштити здравјето на луѓето, вложивме напори за да не дојде до застој во економските активности. Со пакетите за економска стабилност и социјална заштита бевме со нашите претприемачи, трговци и луѓе во потешка ситуација“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека и покрај условите на пандемијата, настојуваат да ги зголемат инвестициите, без разлика дали станува збор за јавниот или приватен сектор.
„Со свеста за глобалната одговорност, никако не го занемаруваме помагањето и солидарноста на меѓународно ниво. Турција досега пружи помош за девет меѓународни организации во 159 земји. Се надевам дека оваа соработка и солидарност, во кризните времиња, ќе биде постојана“, изјави Ердоган.
Потсетувајќи дека на тоа прашање се осврнал и за време на Самитот на лидерите Г20 одржан кон крајот на ноември, тој додаде дека приоритет на меѓународната соработка треба да бидат земјите во развој, бегалците и раселените лица.