Rabia İclal Turan
27 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Убивањето на водачот на терористичката организација ДЕАШ претставува пресвртна точка во заедничката борба против тероризмот, истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Турција ќе продолжи да ги поддржува антитерористичките напори - како што тоа го правеше и во минатото“, напиша Ердоган на Твитер.
„Плаќајќи ја највисоката цена во борбата против ДЕАШ, ПКК/ЈПГ и други терористички организации, Турција го поздравува овој развој на настаните“, истакна тој.
„Убеден сум дека одлучната борба против тероризмот, во согласност со духот на сојузништвото, ќе донесе мир за целото човештво.“
Ебу Бекр ал Багдади, човекот кој ја предводеше терористичката организација ДЕАШ, која зазеде големи територии во Ирак и Сирија, беше убиен во синоќешна операција на САД во северозападна Сирија, потврди денес американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој им се заблагодари на Турција, Русија, Сирија и на Ирак за нивната соработка во операцијата, нагласувајќи дека Анкара била извонредна, и истакнувајќи дека американските сили летале над одреден дел од турската територија за време на мисијата.
Под водство на Багдади, терористичката организација ДЕАШ, почнувајќи од 2014 година, се рашири низ голем дел од Ирак и Сирија, тврдејќи дека е формиран „калифат“ во регионот, планирајќи и изведувајќи ужасни напади и надвор од нејзиниот главен територијален бастион. Формираше и локални ограноци во други региони и објавуваше застражувачки видеа на егзекуции преку интернет.
Багдади беше главна цел и на администрациите на Трамп и на администрацијата на Обама. За него беше распишана награда од 25 милиони долари.
Бидејќи коалицијата за борба против ДЕАШ предводена од САД ги поврати териториите кои ги имаше зазедено терористичката организација, Багдади сè повеќе остануваше во сенка, ретко објавувајќи им претходно снимени аудио пораки на своите следбеници.