Tuba Şahin,Gökhan Ergöçün
21 Април 2021•Ажурирај: 21 Април 2021
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека земјата ќе ги оствари зацртаните цели за 2023 година, ќе ги интензивира инвестициите и ќе ги зајакне демократијата и економијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во обраќањето на состанокот на пратеничката група на владејачката Партија на правдата и развојот (АK Parti) во Големото народно собрание на Република Турција, ја коментира актуелната ситуација, како и промените во Кабинетот со формирањето на две нови министерства и назначувањето на тројца нови министри.
„Синоќа донесовме одлука за разделување на едно министерство на две и назначивме тројца нови министри во Кабинетот. Им се заблагодарувам на разрешената министерка за семејство, труд и социјални услуги, Зехра Зумрут Селчук и на министерката за трговија, Рухсар Пекџан. Им посакувам успех на новите министри кои влегоа во Кабинетот и тоа на министерката за семејство и социјални услуги, Дерјa Јаник, министерот за труд и социјална сигурност, Ведат Билгин и на министерот за трговија, Мустафа Муш“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека е време сите надлежни во Турција да се фокусираат на остварување на целите зацртани за 2023 година и 100-тата годишнина од основањето на Републиката, Ердоган порача дека досега се совладани бројни предизвици и дека и претстојниот период нема да биде лесен.
„Речиси 20 години кои ги оставивме зад себе се најплодниот, најефикасниот период од основањето на Република Турција, со најмногу водени борби“, рече Ердоган, и додаде дека со растот и прогресот на Турција доаѓаат поголеми предизвици и замки.
Потсетувајќи дека Турција од 2002 година и до доаѓањето на АК партијата на власт беше соочена со бројни предизвици, вклучувајќи и обид за воен удар, терористички напади и дволичност на меѓународната заедница, Ердоган рече дека официјална Анкара не потклекна пред сиве овие проблеми, туку дека решително ги совладуваше препреките и правеше нови исчекори.
Турскиот претседател Ердоган ги отфрли и за невистинити ги нарече тврдењата кои ги изнесуваат некои кругови за наводен девизен дефицит на Централната банка во износ од 128 милијарди долари.
„Ниту таа бројка е точна, ниту е точно она што се зборува за тоа и за целата таа кампања. Тоа е погрешно и неточно од почеток до крај. Целосно незнаење“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека девизните резерви на Турција не се никому доделени, ниту се некому распишани, Ердоган рече дека случувањата на глобалната економска сцена во изминатите две години ја принудиле Централната банка на Турција на значајни девизни трансакции.
„Тоа особено се однесува на 2020 година којашто беше тешка за целиот свет и за Турција. Оваа турбулентна економска криза секако негативно се одрази врз нашата земја“, рече Ердоган.
Додаде дека резервите се користат за задоволување на побарувачката на сите страни за трансакции на кои им се потребни странски валути од увозници до инвеститори, реалниот сектор до јавноста.
„Нашата Централна банка веќе долго време не ги врши овие трансакции на аукции, туку преку маркет-мејкер банките кои работат на 24-часовна основа со цел да ги избегнат полноќните операции кон нашата земја на азиските пазари“, рече Ердоган.
Тој исто така рече дека ситуацијата би била далеку потешка доколку Турската централна банка без двоумење не ја задоволува побарувачката за девизи и во тој контекст потсети на турската економска криза од 1994 и 2001 година.