ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, рече дека Самитот во Берлин е важен чекор во насока на зајакнување на примирјето и политичкото решение, и дека со борбата која ја водеше било на терен, било во дипломатијата, Турција стана клучот на мирот во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган, пред заминување за Германија со цел да учествува на Самитот во Берлин во врска со Либија, на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул одржа прес-конференција во врска со оваа тема.
Тој рече дека на Самитот ќе се осврне на проблемите со кои се соочува Либија.
Според него, легитимната Влада на Либија која е признаена од страна на меѓународната заедница и Обединетите нации (ОН), од април 2019 година досега е изложена на многу интензивни напади.
„Досега стотици цивили загинаа во нападите извршени од страна на пучистот Хафтар и неговите поддржувачи. Исто така, како резултат на судирите, околу 400.000 наши либиски браќа беа принудени да ги напуштат своите домови“, додаде турскиот претседател Ердоган.
Тој нагласи дека нападите достигнале димензија која покрај Либија претставува закана и за стабилноста на соседните земји и на целиот Медитеран.
„За жал, меѓународната заедница досега не покажа доволна реакција против непромислените напади на пучистот Хафтар. Долго време се игнорираат чекорите на пучистот Хафтар и неговите поддржувачи кои отворено ги прекршуваат резолуциите на Советот за безбедност на ОН“, рече Ердоган, додавајќи дека од денот кога започна кризата, досега, Турција покажала принципиелен и конзистентен став.
Турскиот претседател истакна дека во секоја сфера нагласиле оти постојано решение во Либија може да се постигне преку политички дијалог, и дека ги поддржале работите во оваа насока реализирани под покровителство на ОН.
„Направивме сѐ за успехот на берлинскиот процес. Покрај тоа, го зголемивме дијалогот, консултацијата и координацијата со Владата на национално единство. Со борбата која ја водеше било на терен, било во дипломатијата, Турција стана клучот на мирот во Либија“, додаде Ердоган.
Според него, во Либија е постигнато спокојство како резултат на апелот за примирје упатен на 8 јануари во Истанбул од страна на Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин.
„Со овие чекори, нашата земја ги гарантираше своите права на Медитеранот и ја заштити иднината на Либија. Самитот во Берлин е важен чекор во насока на зајакнување на примирјето и политичкото решение. Примирјето и надежите кои повторно расцутија со Самитот во Берлин, не треба да бидат жртви на амбициите на трговците на крвта и хаосот. Со одлуките кои ќе бидат донесени на Самитот, очекуваме конкретни случувања во повеќе области како безбедноста и економијата. Посакуваме Самитот да стави крај на болките кои ги претрпе либискиот народ и да овозможи да се направат чекори во насока на постигнување спокојство и благосостојба во Либија“, нагласи турскиот претседател.
Ердоган исто така се осврна и на прашањето во врска со Идлиб, истакнувајќи дека покрај примирјето, сирискиот режим продолжува со убиствата на цивилите.
„Дојде време да му се рече стоп на дивјаштвото на режимот. Во текот на нашите средби во Берлин, ќе го актуализираме и прашањето за Идлиб“, додаде турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.