ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пред Самитот во Берлин во врска со Либија, што ќе се одржи утре, напиша колумна за „Политико“ („Politico“), кое е еден од најзначајните медиуми на Западот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во колумната насловена „Патот кој води кон мирот во Либија поминува низ Турција“, се осврна на либиското прашање.
Истакнувајќи дека Либија веќе 10 години е изложена на крвава граѓанска војна, Ердоган рече дека меѓународната заедница досега не ги исполнила своите обврски и дека не ставила крај на насилството и не обезбедила мир и стабилност.
Според него, либиската Влада признаена од страна на Обединетите нации (ОН) веќе неколку години е изложена на нападите на Калифа Хафтар.
„Вооружената организација на Хафтар, кој се обидува да врши државен удар во земјата, добива поддршка од антидемократските земји како Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ)“, нагласи Ердоган, додавајќи дека светот не ги поддржал доволно актерите во Либија кои се поддржувачи на дипломатијата и дијалогот.
Ердоган рече дека либиската криза предизвикала поделба на европскиот континент кој сè уште се обидува да донесе одлука што да направи во регионот.
Тој потсети дека Германија, која ја поддржува легитимната Влада во Либија, во недела ќе биде домаќин на мироовната конференција во Берлин, додека, како што наведе, Франција стои до пучистот Хафтар против легитимната Влада на Либија.
„Да се остави Либија на милоста на еден воен барон ќе биде историска грешка“, истакна турскиот претседател Ердоган.
Според него, во случај на распуштање на легитимната Влада на Либија, Европа ќе се соочи со нови проблеми и закани.
„Во овој случај, терористичките организации како ДЕАШ и Ал Каеда, кои претрпеа воен пораз во Сирија и Ирак, можат да најдат соодветна средина во Либија и повторно да станат на нозе. Се знае дека во редовите на Хафтар се наоѓаат групи како Медхалите, кои во голема мера ја споделуваат идеологијата на овие терористички организации. Во случај да продолжат конфликтите, не треба да се заборави дека насилството и нестабилноста ќе ја поттикнат нерегуларната миграција кон Европа“, рече Ердоган, нагласувајќи дека граѓанската војна во Либија претставува лакмусова хартија за Европската Унија (ЕУ).
Ердоган запраша дали европските лидери ќе го бранат либералниот светски поредок, кој се соочува со еден нов напад, или како што направија во Сирија, ќе бегаат од одговорностите и ќе ѝ фаќаат сеир на кризата.
„Историјата ни покажува дека наградувањето на тие што го вртат својот грб на дипломатијата и се потсмеваат со меѓународната заедница, само ќе биде причина за уште поголеми проблеми. Последните случувања во Либија не тераат да мислиме дека некои европски лидери сè уште не ги добиле овие лекции“, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател рече дека ЕУ треба да му покаже на светот дека е вреден актер на меѓународната сцена, и дека мировната конференција што ќе се одржи во Берлин е многу важен чекор направен кон оваа цел.
„Очекуваме европските лидери да зборуваат помалку, а да направат повеќе конкретни чекори. Доколку помислиме дека Европа има помалку желба во насока на давање воена поддршка за Либија, најотворената опција во оваа насока е да се соработува со Турција, која веќе вети воена поддршка“, истакна Ердоган и додаде:
„Ние како Турција целосно ја поддржуваме легитимната Влада на Либија признаена од страна на Обединетите нации (ОН). Во рамки на последните потпишани договори за безбедносна и воена соработка, ветивме дека ќе ја заштитиме либиската Влада од пучистите. Со оваа репутација, ќе ги обучиме безбедносните сили на Либија и ќе придонесеме во нивната борба против тероризмот, трговијата со луѓе и против другите сериозни закани за меѓународната заедница. Европа денес се наоѓа на раскрсница. На овој историски праг, тие што вложуваат напор за мир треба да направат сè што можат за ставање крај на насилството. Европа може да има доверба во својот стар пријател и сојузник, Турција, со цел да ја постигне оваа цел.“