Mümin Altaş
18 Ноември 2020•Ажурирај: 19 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека пред Турција е нов период во кој земјата треба многу посилно да се фокусира на производството, инвестициите, вработувањето и извозот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган, говорејќи на Економскиот форум, организиран од страна на Турската унија на стопански комори и берзи (ТОББ) во Анкара, истакна: „Сега сме во период кога не е доволно само да се зголеми брзината, туку треба да се смени возилото. Решени сме да сториме сѐ што е потребно за тоа.“
Осврнувајќи се на економскиот раст, Ердоган рече дека благодарение на реформите што се спроведуваат, Турција е издигната за 27 скалила и од 190 земји се наоѓа на 33. место.
Во тој контекст, Ердоган подвлече дека според податоците од септември, сосема е јасно дека Турција третиот квартал од годината ќе го затвори со моќен раст.
„Не смееме да дозволиме инвеститорите да бидат погодени од високите каматни стапки“, нагласи Ердоган.
Во врска со идните планови, тој рече: „Одржувајќи ја финансиската дисциплина, ќе продолжиме по нашиот пат, фокусирајќи се на економскиот раст и вработувањата.“
Во однос на варијацијата на лирата, Ердоган истакна дека најважен приоритет претставува борбата со инфлацијата, додавајќи дека целта е што поскоро инфлацијата да достигне едноцифрена бројка.
„Нашата земја зад себе ја остави ерата на подготовка и сега влегува во период на процут“, потенцираше Ердоган изразувајќи надеж дека следната година ќе се надминат сите потешкотии.