Zehra Nur Düz
05 Септември 2019•Ажурирај: 06 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција до крајот на септември ќе започне со спроведување на својот план за формирање на безбедносната зона во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција е решена до крајот на септември на свој начин активно да иницира формирање безбедносна зона во Сирија долж источната линија на реката Еуфрат“, изјави Ердоган на состанокот со обласните челници од Партијата за правда и развој (AK Parti), во главниот град Анкара.
Турските и американските воени официјални претставници на 7 август постигнаа договор дека планираната безбедносна зона во северна Сирија ќе служи како „мировен коридор“ за раселените Сиријци кои сакаат да се вратат дома, и дека ќе се воспостави Заеднички оперативен центар во Турција за координирање на коридорот.
Ердоган, исто така ја повтори посветеноста на Турција во продолжување на своите активности за истражување на енергетските ресурси во Источниот Медитеран.
„Никој не може да нѐ лиши од правата кои ги имаме во Источниот Медитеран. Ние ќе ги заштитиме нашите права до крај“, изјави Ердоган.
„Заканата за санкции кон нашата земја не нѐ плаши, не нѐ тера да се повлечеме, туку спротивно, ја зајакнува нашата посветеност да продолжиме“, додаде тој.
Европската Унија (ЕУ) во јули најави санкции кон Турција во врска со истражувањата на енергетските ресурси во Источниот Медитеран, како и суспендирање на разговорите од високо ниво. Турција го осуди потегот, велејќи дека санкциите ќе ги влошат нејзините законски активности.
Турција долго време го оспорува едностраното дупчење во Источниот Медитеран спроведено од администрацијата на кипарските Грци, тврдејќи дека Турската Република Северен Кипар (TRNC), исто така, има права на ресурсите во тоа подрачје.
Од оваа пролет, Анкара испрати бродови за сондажа во Источниот Медитеран, потврдувајќи го правото на Турција и ТРСК врз ресурсите на регионот.
- Не постои доволна поддршка за бегалците -
Осврнувајќи се на прашањето за сириските бегалци, Ердоган нагласи дека Турција не ја добила поддршката која ѝ е потребна, особено од Европската Унија (ЕУ) во споделувањето на товарот за бегалците.
„Можеби ќе мораме да им дозволиме да преминат во Европа за да добиеме поддршка“, додаде Ердоган.
Турција долго време потенцира дека ЕУ не ги исполнува своите ветувања во врска со паричната поддршка во рамките на договорот од 2016 година, за запирање на бранот бегалци.
Турскиот претседател додаде дека Турција има за цел да насели најмалку 1 милион Сиријци кои ги прими од 2011 година во планираната безбедносна зона долж турската граница со Сирија.
Турција во моментот е домаќин на околу 3,6 милиони сириски бегалци, повеќе од која било земја во светот, и исто така им помогна на Сиријците доброволно да се преселат во области кои претходно турската војска ги расчисти од терористичките организации.