Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
04 Ноември 2022•Ажурирај: 05 Ноември 2022
АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека Туркије ќе испраќа жито и ѓубрива во најмалку развиените и во земјите во развој, особено во Африка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Повикувајќи да се преземат цврсти чекори за испраќање жито и ѓубрива во неразвиените земји на претстојниот Самит на групата Г-20 во Бали, Индонезија, Ердоган рече дека Туркије и Русија постигнале консензус за поголемо искористување на коридорот за жито низ Црното Море, особено за оние кои имаат потреба во Африка.
Говорејќи на Саемот на Асоцијацијата на независни индустријалци и бизнисмени (МУСИАД), Ердоган рече дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил да испраќа жито бесплатно во земјите на кои им е потребно.
За време на разговорот со г. Путин, тој рече: „Да испратиме жито бесплатно во земјите како Џибути, Сомалија и Судан. За тоа бевме на иста страна.“
„Ќе обезбедиме бродовите со жито да стигнат до секоја земја која има потреба од него, почнувајќи од Сомалија, Џибути и Судан, кои се борат со тешка криза во храна и со глад“, додаде турскиот претседател.
Ердоган, исто така, изрази критики кон менталитетот кој Европа ја доживува како „градина“, а остатокот од светот како „дивина“.
„Не очекуваме оние кои спроведуваат колонијализам користејќи нови начини и методи да заземат совесен став кон кризите“, нагласи турскиот претседател.
Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина во јули потпишаа договор за продолжување на извозот на жито преку Црното Море, кој беше прекинат по почетокот на Руско-украинската војна во февруари.
Во саботата Русија соопшти дека го прекинува учеството во договорот поради, како што наведе, украинскиот напад врз нејзината Црноморска флота во пристаништето Севастопол. Русија се врати на договорот во средата по телефонскиот разговор меѓу Ердоган и Путин.
Досега, преку рутата низ Црното Море се превезени 10 милиони тони жито.