Турција

Ердоган: „Туркије повеќе не одржува интензивни трговски односи со Израел, тоа поглавје е затворено“

„(Со Германија) Сакаме целосно да ги отстраниме ограничувањата со кои се соочуваме во одбранбената индустрија“

Esra Tekin, Dilara Hamit  | 24.04.2024 - Обновена : 25.04.2024
Ердоган: „Туркије повеќе не одржува интензивни трговски односи со Израел, тоа поглавје е затворено“

ИСТАНБУЛ/АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изрази надеж дека Анкара и Берлин нема да наидат на пречки и ќе се фокусираат на разговори за заеднички производствени проекти, особено во одбранбениот сектор, јавува Анадолу.

„Се надеваме дека Туркије и Германија ќе почнат да разговараат за заеднички производствени потфати наместо за бариери, особено во одбраната“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер, кој престојува во официјална посета на Анкара.

„(Со Германија) Сакаме целосно да ги отстраниме ограничувањата со кои се соочуваме во одбранбената индустрија“, додаде тој.

Ердоган истакна дека Туркије има за цел да го прошири обемот на билатерална трговија со Германија, кој надмина 50 милијарди долари, на 60 милијарди долари на избалансиран начин.

Анкара очекува „понатамошна поддршка и солидарност од германските власти во борбата против тероризмот“, порача турскиот претседател.

Тој, исто така, се осврна на тековниот конфликт во Газа, каде во израелските напади досега загинаа повеќе од 34.000 Палестинци, и рече дека Анкара ќе продолжи да ги интензивира напорите за постигнување прекин на огнот во енклавата и да обезбеди непрекината и адекватна хуманитарна помош да стигне до Палестинците.

„Не треба да се дозволат напорите на израелската администрација да ги скрие своите злосторства и масакри извршени во Газа“, додаде Ердоган.

Истакна дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, само за да ја продолжи својата политичка кариера, ја загрозува безбедноста не само на своите граѓани, туку и на целиот регион.

„Туркије повеќе не одржува интензивни трговски односи со Израел и тоа поглавје е затворено“, рече турскиот претседател.

Нагласувајќи дека Израел убива и жени и деца во Газа, Ердоган ја повика Германија да ја види „ужасната слика“.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.