Faruk Zorlu
25 Ноември 2022•Ажурирај: 26 Ноември 2022
АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Туркије е посветена да продолжи со својата стратегија на искоренување на тероризмот од неговиот извор, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Без разлика со кого терористите ќе договараат, Туркије секогаш ќе ги бара одговорните за секоја капка крв што ја пролеваат“, изјави Ердоган на церемонијата на пуштање во употреба на третиот брод од четирите корвети од класата МИЛГЕМ АДА – заеднички влог на Туркије и Пакистан во истанбулското бродоградилиште.
„Никој не може да ѝ држи лекции на Туркије, која е единствениот сојузник на НАТО што се бореше рака до рака против ДЕАШ и беше победник“, изјави Ердоган, мислејќи на прекуграничните антитерористички операции во северните области на Ирак и Сирија, во близина на турската граница.
За време на настанот, Ердоган и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф заеднички ја инаугурираа третата од четирите корвети МИЛГЕМ произведени од Туркије за пакистанската морнарица во бродоградилиштето во Истанбул.
Туркије рано во неделата ја започна операцијата „Канџа-меч“, прекугранична воздушна кампања против терористичката организација ЈПГ/ПКК, која има нелегални засолништа низ ирачката и сириската граница, од каде што планира, а понекогаш и извршува напади на турската територија.
Турските власти истакнаа дека операцијата е во согласност со меѓународното право и правото на нацијата на самоодбрана според резолуциите на ОН.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто е на листата на терористички организации во Туркије, САД и Европската Унија, одговорна е за смртта на над 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК.