Muhammed Enes Çallı
10 Ноември 2023•Ажурирај: 10 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА)
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије ги користи сите дипломатски средства што ѝ се на располагање за да обезбеди прекин на огнот во израелско-палестинскиот конфликт, јавува Анадолу.
Во врска со приоритетите на Туркије на вонредниот Самит на Организацијата за исламска соработка овој викенд, Ердоган рече дека главна тема на Самитот ќе биде конфликтот меѓу Израел и Палестина.
„Ќе се сретнеме за да разговараме детално на темата и да преговараме, со цел да обезбедиме итен хуманитарен прекин на огнот. Ќе се фокусираме на прашањата: Што може да направи секоја земја што учествува на Самитот? Што може да направат земјите од Заливот?“, рече Ердоган во изјавата за новинарите во авионот при враќањето од Самитот на Организацијата за економска соработка во Узбекистан, Ташкент.
„Малезија, Индонезија, Пакистан и Туркије детално ќе разговараат што може да направи секоја “, додаде турскиот претседател.
Според него, одлуките што ќе се донесат на Самитот во саудискиот главен град Ријад ќе бидат чекори за запирање на злосторствата на Израел.
„Ако сте искрени за прекин на огнот, извршете притисок врз Израел да ги спроведе резолуциите на ОН“, им порача Ердоган на западните земји.
Ердоган истакна дека целта е да се натера Израел да дозволи премин на ранети и болни лица од Газа преку хуманитарен коридор за да им се обезбеди медицинска помош.
„Човековите права и меѓународното право наложуваат итен прекин на оваа валкана војна“, нагласи тој.
Турскиот претседател додаде дека без решавање на израелското прашање не може да се зборува за мир во регионот или светот ниту, пак, целосно да се реализира сеопфатен меѓународен правен поредок.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври.
Загинаа најмалку 10.569 Палестинци, од кои 4.324 деца и 2.823 жени. Според официјалните податоци, во Израел се загинати речиси 1.600 лица.