ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Туркије без сомнение дала најсилен одговор на злосторствата на Израел во Палестина, како што е прекинот на трговијата, јавува Анадолу.
Анкара ја прекина целата трговија со Израел во мај, поради хуманитарната трагедија во Газа, каде што Израел уби повеќе од 43.000 Палестинци од октомври минатата година.
„Сѐ додека продолжуваат испораките на оружје, Израел ќе биде поагресивен. Секој ден, во кој Израел нема да биде запрен, ќе се влошува ситуацијата во Палестина и Либан“, изјави Ердоган за новинарите во претседателскиот авион на враќањето од посетите на Ријад и Баку.
Тој истакна дека еден од конкретните чекори што може да се преземат против нападите на Израел е да се работи на признавање на државата Палестина, при што додаде: „Без дводржавното решение во регионот нема да се постигнат мир и стабилност.“
„Трговските ограничувања и санкциите кон Израел се уште една форма на борба. Активната дипломатија за ставање на Израел во ќош во сите области и зајакнување на дипломатскиот притисок се исто клучни. Ние сме среде голем тест на човештвото. Положувањето на овој тест е можно само ако се биде дел од хуманитарната алијанса. Во спротивно, историјата ќе им суди и на оние што застанаа покрај Израел и на оние што молчеа пред угнетувањето.“
Ердоган, исто така, рече дека иницијативата на Анкара поднесена во Обединетите нации за спречување испорака на оружје и муниција за Израел е поддржана од 52 земји и две меѓународни организации.
„Неодамна пративме писмо со оваа иницијатива до претседателот на Генералното собрание на ОН, претседателот на Советот за безбедност и до генералниот секретар на ОН. На (заедничкиот арапско-муслимански) самит во Ријад беше донесена одлука да се поканат сите организации и членки на Арапската лига да го потпишат нашето писмо. Чекорите на нашата земја за запирање на масакрот и нејзините напори за хуманитарна помош беа пофалени“, додаде тој.
Турскиот претседател, исто така, истакна дека имал можност да оствари билатерални средби за време на самитот, меѓу кои и со саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман, додавајќи дека имале плодна средба.
Нагласувајќи дека билатерални средби реализирал и во Баку, Азербејџан, за време на Конференцијата на ОН за климатски промени (COP29), Ердоган рече дека на овие состаноци се разговарало и за билатералните односи и за регионалните случувања.
- „Климата е едно од најклучните прашања со кои се соочува светот“ -
Во врска со целта на Туркије за нулта емисија во 2053 година, Ердоган рече: „Климатското прашање е едно од најклучните прашања со кои се соочува светот. Како што се грижиме за војните, конфликтите и миграцијата, така и на ова прашање му пристапуваме со иста сериозност.“
„Туркије непрекинато разговара со релевантните министерства разговара за тоа какви мерки може да се преземат, Презедовме, преземаме и ќе продолжиме да преземаме мерки за најефикасно да ги користиме ограничените светски ресурси и да ја издигнеме цивилизацијата што ја развиваме со векови на многу повисоко ниво.“
„Туркије се грижи за ова прашање и прави максимални напори да го реализира својот дел. Сепак, изнаоѓањето фундаментално и трајно решение за ова прашање не е можно само со нашите напори или на неколку земји заедно.“
Тој повика на колективна акција за преземање на товарот на акциите поврзани со климата.
„Доколку некои земји целосно се вклучат во борбата против климатските промени, а други, водени од алчност, ги игнорираат неопходните мерки или дури го зголемуваат загадувањето, не може да го надминеме овој проблем“, предупреди Ердоган.
Тој додаде дека важноста на иницијативата „Нулта отпад“, која ја предводи Туркије, секој ден добива сè поголемо признание и дека се прават напори да се прошири и да се претвори во начин на живот.
Иницијативата, започната во 2017 година од страна на првата дама на Туркије, Емине Ердоган, има цел да ја подигне свеста за важноста на елиминирањето на отпадот во справувањето со климатските промени.
- „Се надевам дека односите со САД ќе се движат по друга патека со Трамп“ -
Во врска со идната администрација на Соединетите Американски Држави (САД), Ердоган изрази надеж дека Доналд Трамп, кој ја презема должноста во јануари, ќе ги пренасочи односите меѓу Анкара и Вашингтон на поинаков пат.
„Несомнено, секогаш постојат можности меѓу двете земји. Нашето главно очекување е да ги оцениме овие можности и да преземеме чекори што ќе бидат од корист за двете земји.“
„Администрацијата на Трамп ја гледа економијата како еден од своите главни приоритети. Туркије, со својата стратегиска географска локација и младото население, е земја што нуди можности за инвестирање. Може да создадеме нови можности за зголемување на обемот на трговската размена и поттикнување инвестиции меѓу двете земји. Може да развиеме нови соработки особено во енергетиката, инфраструктурата и технологијата“, нагласи тој.
Ердоган, исто така, изрази надеж дека новоизбраниот претседател Трамп ќе преземе различни чекори за регионот.
Запрашан за потенцијалните идни состаноци со американскиот милијардер Илон Маск, еден од најголемите поддржувачи на Трамп, Ердоган рече: „Технолошките чекори што ги прави Туркије го привлекуваат вниманието низ светот. Технологијата не е област каде што може сами да напредувате, потребна е соработка. Ако се појават можности за соработка на ова поле, може да се преземат чекори со Маск.“
- Можната нормализација на односите меѓу Туркије и Сирија -
Говорејќи за можното помирување со Сирија, Ердоган рече дека Туркије подала рака за нормализација на односите, изразувајќи уверување дека тоа ќе ја отвори вратата за мир и стабилност во Сирија.
Турскиот претседател рече дека прекуграничните операции секогаш се опција за безбедноста на Туркије, изразувајќи подготвеност за започнување операции во секое време, доколку се почувствуваат загрозени.
Последниве години Туркије започна неколку прекугранични операции во Северна Сирија и во Северен Ирак, насочени кон терористите што се кријат таму и ја дестабилизираат границата или планираат напади на турска територија.
Повторувајќи ја посветеноста на Туркије на борбата против тероризмот и истовремено почитувајќи го територијалниот интегритет на Сирија, Ердоган рече дека присуството на терористички организации во Северна Сирија, особено на ПКК/ПЈД/ЈПГ, исто така, претставува закана за нејзиниот територијален интегритет, додавајќи дека сириската Влада, која добро е свесна за ова, мора да преземе чекори за создавање нова клима во земјата.
Во својата 40-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК - која е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и ЕУ - е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.