Muhammed Enes Çallı
22 Ноември 2023•Ажурирај: 23 Ноември 2023
АНКАРА (АА) – Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, ги повика лидерите на Г-20 да преземат иницијатива за реализација на дводржавното решение за тековниот израелско-палестински конфликт, јавува Анадолу.
Говорејќи на виртуелниот самит на лидерите на Г-20, чиј домаќин е Индија, Ердоган рече: „Трагедијата што се случува во окупираните палестински земји, особено во Газа, ги надмина границите на толеранцијата на човештвото.“
„Туркије е подготвена да преземе улога, вклучително и како гарант, со другите земји, во можната нова безбедносна структура во израелско-палестинскиот конфликт“, повтори тој.
„Ништо од она што се случува (во Газа) не може да се објасни со правото на самоодбрана. Воените злосторства се злосторства против човештвото што очигледно се вршат таму“, додаде Ердоган.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади во Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври, при што загинаа најмалку 14.128 Палестинци, вклучувајќи 5.840 деца и 3.920 жени, според здравствените власти во енклавата.
Илјадници згради, вклучувајќи болници, џамии и цркви, исто така се оштетени или уништени во воздушните и копнените напади на Израел врз опколената енклава.
Според официјалните бројки, бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200.
Израел и Хамас утринава објавија договор за хуманитарна пауза, што вклучува размена на заложници и затвореници.
Според договорот, со посредство на Катар, Египет и САД, 50 Израелци држени од Хамас ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински затвореници во израелските затвори, објавија израелските медиуми.
Договорот вклучува и четиридневна пауза во борбите и влез на 300 камиони натоварени со хуманитарна помош, вклучително и гориво, во Појасот Газа.
Договорот овозможува продолжување на паузата и потенцијално ослободување на повеќе деца и жени што се држени од двете страни.