Yıldız Nevin Gündoğmuş
24 Април 2020•Ажурирај: 25 Април 2020
АНКАРА
Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган упати писмо на патријархот на Ерменската патријаршија во Истанбул Сахак Машалан и порача дека Турција не дозволила ниту некогаш ќе дозволи дискриминација врз основа на верската или било која друга припадност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дирекцијата за комуникација при кабинетот на турскиот претседател соопшти дека Ердоган во писмото срдечно ги поздравил сите припадници на ерменската заедница и укажал на важноста на јакнењето на солидарноста меѓу луѓето во тежок период низ кој целиот свет минува во екот на пандемијата на Ковид-19.
Ердоган посака сите луѓе во Турција да продолжат да ја градат иднината во која ќе има слога, единство и љубов меѓу луѓето.
„Оддавам почит на сите османлиски Ермени кои ги изгубија животите во тешки околности во Првата светска војна која на народите во светот им нанесе голема болка и страдање. На нивните потомци им упатувам искрени пораки на сочувство. По тој повод го молам Господ за милост за сите Османлии кои ги загубија животите во тој тежок период. Никогаш не дозволивме, ниту ќе дозволиме дискриминација или поинаков третман на било кој наш граѓанин врз основа на неговата верска или било која друга припадност", порача Ердоган.
Ердоган во писмото наведе дека заедничка цел е од минатото да се земат пријателството и високите хумани идеали за да врз нив се гради подобра заедничка иднина.
„Сите знаеме дека постојат кругови кои од минатото сакаат да извлечат непријателства, а го занемаруваат нашето заедништво кое настанало во срцето на Анадолија. Додека сакаме и работиме на градење на иднината на заедништвото, мирот и благосостојбата, најголема ни е желбата круговите со поинакви намери не добиваат можност за успех. Во тој контекст уште еднаш оддавам почит на сите наши османлиски Ермени кои ги загубија животите во текот на Првата светска војна", порача Ердоган.