АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека пандемијата на Ковид-19 потсети дека човештвото дели иста судбина и дека сите се наоѓаме на ист брод, без оглед на религијата, јазикот или нацијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган од Претседателската палата одржа воведно излагање на почетокот на 36. заседание на Постојаниот комитет за еконмска и трговска соработка при Организацијата за исламска соработка (COMCEC).
„Неопходно е сите расположливи ресурси да ги ставиме на располагање за да ги ублажиме негативните последици од пандемијата на Ковид-19 врз економијата, производството и континуитет на побарувачката на пазарот“, изјави Ердоган.
Тој во обраќањето пред учесниците на онлајн заседанието на Постојаниот комитет изјави дека е неопходно да се активираат субвенциите и олеснувањата во меѓународната трговија за да се избегнат погубните последици од пандемијата на тоа поле.
„Непријателството кон исламот и муслиманите стана политика која ја баранат и претседателите на некои европски земји. Муслиманите се соочени со истата кампања на линч и омраза која во Европа е предводена врз Евреите во рамките на Втората светска војна“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател понатаму истакна дека правата и слободата на милиони муслимани во Европа не можат да се препуштат на волјата на неспособните политичари.
„На меѓународните платформи и во рамките на правата и демократијата мораме да се бориме против културниот расизам кој го преплави Западот како чума. Обединувањето на нашите сили е пат за таа борба, без било каков сомнеж“, изјави Ердоган.
- „Економскиот систем базиран на камата ќе се замени со учество“ -
Турскиот претседател рече дека во иднина економскиот систем базиран на камата ќе се замени со учество базирано на поделба на ризикот.
„Во овој случај, важно е да се прошири употребата на опциите како што е исламскиот сукук за финансирање на долгорочни инвестиции во инфраструктурата“, изјави Ердоган.
Сукук е исламски финансиски сертификат, сличен на обврзницата кај западното финансирање, кој е во согласност со исламскиот закон, познат како Шеријат.
Велејќи дека земјите на Постојаниот комитет за економска и трговска соработка треба да преземат активни мерки за спречување на пандемијата на коронавирусот да ѝ наштети на надворешната трговија, Ердоган додаде: „Овие чекори кои ќе ја зајакнат трговијата меѓу земјите членки на Постојаниот комитет се важни“.
Тој ги повика членките на Постојаниот комитет да ги засилат единствените напори за ублажување на девизниот притисок, вклучително и употребата на локалните валути за трговија.
Турција долго време се залагаше за поголема употреба на локалните валути за меѓународна трговија, наместо доларот или еврото.
Во врска со напорите за координирање на стандардите за халал производи - направени во согласност со муслиманските стандарди - Ердоган рече дека членовите на Постојаниот комитет за економска и трговска соработка работат на тоа веќе одредено време, но сè уште не ја имаат постигнато саканата координација.
„Како исламски земји, колку повеќе произведуваме, толку повеќе ги зајакнуваме нашите економии“, нагласи тој.
„Треба да преземеме чекори кон производство и трговија со додадена вредност, наместо извозни структури засновани на суровини или полупроизводи“, додаде Ердоган.