Zehra Aydın
23 Април 2017•Ажурирај: 24 Април 2017
АНКАРА (АА) – Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека во светот во кој има несреќни деца сигурно има нешто што е погрешно, и додаде дека задачата на властите е да откријат, да укажат и да ги исправат тие грешки, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Турција денеска се одбележува националниот празник Ден на националниот суверенитет и детето, а една од централните манифестации е приредена во Народниот конгресен и културен центар Бештепе во комплексот на Претседателската палата во Анкара.
На присутните им се обрати турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој им го честиташе празникот на децата и 97.годишнина од основањето на Големото народно собрание на Република Турција (ТБММ).
„Посебно го честам празикот кој им е подарен на децата. Почест на основачот на нашата република Мустафа Кемал Ататурк и сите пратеници на првиот состав на парламентот. Посебна почит оддаваме на мачениците кои своите животи ги дадоа во Ослободителната војна, во борбата против тероризмот и во спротиставувањето на обидот за воен удар во јули минатата година”, рече Ердоган.
Укажувајќи на важноста на единството и братсвото на нацијата, Ердоган ги поздрави сите деца во загрозените региони на светот.
„Ќе продолжиме заедно да работиме на градење на подобар и со љубов побогат свет. Тоа е задача која ја наследивме од нашите предци, а тоа е задача која и ние на вас децата ќе ви ја оставиме”, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека детството е најдобриот период во животот на човекот, Ердоган рече дека најдобрата подготовка за „маратонот каков што е животот", е да ги слушаат родителите и да учат.
Одбележувањето на Денот на суверенитетот и Денот на детето започна со концерт на Детскиот кор на ТРТ, а продолжен е со богата културна програма.
Државниот празник на националниот суверенитет и ден на детето се слави на 23 април, на денот кога во 1920 година е отворено Големото Национално Собрание на Турција. Овој датум се празнува во присуство на децата од целиот свет.
На овој ден во 1924 година, беше одлучено дека денот на основањето на Големото Национално Собрание ќе се слави како државен празник.
Пет години подоцна, на 23 април 1929 година, овој празник е подарен на децата. Од 1929 година се прославува како Ден на националниот суверенитет, а во исто време и како Денот на децата.