Muhammed Enes Çallı
03 Октомври 2023•Ажурирај: 04 Октомври 2023
АНКАРА (АА)
Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека сакаат да ја прослават стогодишнината од основањето на модерна Туркије со реформи кои земјата ги заслужува, јавува Анадолу.
Ердоган зборуваше во Анкара, главниот град на Туркије, на свеченото отворање од новата зграда на Државниот совет на Република Туркије (Данистај).
Ердоган по тој повод се осврна на борбата против тероризмот и реформите неопходни за Туркије, која ја одбележува 100-годишнината од основањето на модерната република.
Зборувајќи за потребата да се спаси Туркије од Уставот што произлезе од пучот, Ердоган забележа дека „дошло време да се отстранат оковите поставени на нозете на Туркије со државниот удар на 27 мај 1960 година“.
„На врвот на нашиот идеал за проширување на просторот на слободата од нашите граѓани е спасувањето на нашата земја од Уставот произлезен од државниот удар“, рече Ердоган.
Потсетувајќи дека оваа година Турција ја слави стогодишнината од основањето на модерната Република Туркије, Ердоган додаде:
„Сакаме да ја прославиме стогодишнината на Републиката не само со соодветна програма, туку онака како што заслужува, со нови реформски потези.“
Говорејќи понатаму за борбата против тероризмот, Ердоган рече дека Туркије сака да види конкретни чекори во борбата против тероризмот од своите пријатели.
„Сакаме да видиме конкретни чекори од нашите пријатели заедно со осуда. Треба да се знае дека изјавите кои нè смируваат и го осудуваат тероризмот нема да бидат мелем за нашите рани“, рече тој на церемонијата за отворање на центарот за обука на Државниот совет.
Потсетувајќи дека Туркије „жртвувала“ илјадници луѓе на тероризмот, Ердоган истакна: „Навистина не можеме да го разбереме толерантниот став што е покажан кон крволочните убијци“.