Hanife Sevinç,Murat Paksoy,Mücahit Türetken
14 Декември 2018•Ажурирај: 14 Декември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Истанбул изјави дека неговата земја повеќе нема време за губење во интервенции против терористите источно од реката Еуфрат и дека е одлучна да обезбеди мир и сигурност во тој регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во Истанбул зборуваше на конференцијата на правници од земјите членки/набљудувачи на Конференцијата за исламска соработка.
Претседателот на Турција зборуваше и за случајот на убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој е брутално убиен на 2. октомври во саудискиот Конзулат во Истанбул.
„Убиството (на Кашоги) во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија не е тема којашто може да се остави по страна, всушност, сè е јасно“, истакна Ердоган и додаде: „Преку аудиоснимките дознавме дека извршителите се лица најблиски до принцот престолонаследник“.
Ердоган истакна дека е евидентирано каде се случило убиството на Кашоги и дека убиецот се наоѓа меѓу 15-те лица приведени од страна на саудиската власт. Тој рече дека саудиската власт, наместо да го открие извршителот, бројот на приведени лица го зголемила на 22.
„Главниот судски обвинител дојде во Истанбул и се состана со истанбулскиот обвинител. Ниту најмала информација не му даде на нашиот обвинител, додека нашиот обвинител му ги пренесе сите информации“, нагласи Ердоган.
Претседателот на Турција истакна дека правдата ќе биде задоволена.
„Ги слушнавте вчера случувањата во американскиот Сенат и тоа секако дека ќе биде продолжено. Затоа ние ги поделивме сите информации со Америка, разузнавачките служби и официјалните лица. Британците ги побараа, им ги дадовме и на нив. Германци, Саудијци, Французи... Им рековме дека сме подготвени да ги споделиме информациите кој и да ги побара, бидејќи правдата е темелот на државата. Ги дадовме сите информации со цел да биде задоволена правдата. Станува јасно дека во ОН, постојаната амбасадорката на САД, Ники Хејли, отворено соопшти и даде име. И тоа кажува нешто. Од сите аспекти сѐ се разоткрива“, рече Ердоган.
Турскиот претседател потсети на ставот што го има исламот за тоа што значи да се убие некој недолжен, подвлекувајќи дека Турција денес речиси самата се занимава со ова убиство кое е извршено на потполно нехуман начин.
Ердоган пред два дена најави дека Вооружените сили на Турција (ТСК) во наредните неколку дена ќе започнат операција потив терористите на источниот брег на Еуфрат, во северниот дел на Сирија, а зборувајќи на таа тема, тој уште еднаш подвлече дека Турција е одлучна во тој регион да донесе мир и сигурност.
„Последниот предавнички напад на нашите војници во Африн е најдобар показател дека нашата одлучност е исправна. Тие сакаат да ја нарушат нашата фокусираност и одлучност. Нашите чекори во Сирија не се ограничени само на воспоставување на нашата земја, ја штитиме честа на целото човештво“, подвлече Ердоган и додаде:
„Турција веќе загуби многу време кога станува збор за интервенцијата притив терористите источно од Еуфрат. Во наредниот период немаме ниту ден за губење“.
Ердоган потсети дека синоќа е изведена воздухопловна акција во регионот Синџар и Махмур, на падините на планината Караџак, од каде што константно е присутна закана по турската граница, додавајќи дека таквите акции ќе продолжат.