Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
10 Март 2023•Ажурирај: 12 Март 2023
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека претседателските и парламентарните избори во Туркије ќе се одржат на 14 мај, јавува Анадолу.
„Со овластувањето дадено со член 116 од нашиот Устав, го потпишав указот за обновување на изборите на 14 мај, што требаше да се одржат на 18 јуни 2023 година“, изјави Ердоган во претседателскиот комплекс во главниот град Анкара.
„По оваа одлука што ќе се објави на Службениот весник, Високиот изборен совет (ЈСК) ќе го започне двомесечниот изборен календар“, рече тој, посакувајќи овие избори да бидат за доброто на земјата, народот, Парламентот и политичките партии.
Турскиот претседател посочи дека ажурирањето на одлуката изборите наместо на 18 јуни да се одржат на 14 мај е споделено со јавноста веднаш по новата година, додавајќи дека причина за тоа е фактот што првичниот датум е времето кога се одржуваат студентските испити, како и период на извршување на аџилакот.
Осврнувајќи се на изборните активности, Ердоган истакна дека забраниле секаква музика и дека изборната кампања ќе се одвива преку билатерални средби, без употреба на музика.
„Нашата изборна агенда повторно ќе се состои од лекување на раните на жртвите од земјотресот и компензација на економските и социјалните штети од оваа катастрофа“, додаде Ердоган.
Тој нагласи дека имаат за цел во период од една година да завршат со изградба на 319.000 домови во зоните погодени од земјотресите, од кои 244.000 станови и 75.000 селски куќи, и да им ги предадат на сопствениците, овозможувајќи им на 3,5 милиони лица во регионот нов простор за живеење.
Указот потпишан од страна на турскиот претседател Ердоган веќе е објавен во Службениот весник.
Турскиот народ на 14 мај ќе го избира не само претседателот, туку и нов состав на Парламентот кој го сочинуваат 600 пратеници.
Во 2017 година турските гласачи преку референдум одлучија да се префрлат од парламентарен на претседателски систем на управување.
Во 2018 година, Туркије се откажа од премиерската функција и целосно се префрли на претседателски систем на владеење.