Burcu Çalık Göçümlü
05 Јуни 2021•Ажурирај: 06 Јуни 2021
АНКАРА
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека луѓето треба да ги сменат аглите на гледање на природата, околината и животот и дека зачувувањето на околината претставува задача на секој поединец, на државата и целото човештво, јавува Агенција Анадолија (АА).
Денес се одбележува Светскиот ден за заштита на околината, а турскиот претседател во пригодна порака наведе дека природата претставува живо битие кое од Бога им е дадено на луѓето.
Ердоган порача дека заштитата на околината и зачувувањето на природата не се повеќе предмет на избор, туку нужност за целото човештво бидејќи во последните два века дојде до развој на индустријата и технологијата и до промена во односот на човекот кон природата.
Истакнувајќи дека човекот со негрижата кон природата најголема штета си нанесува токму на самиот себе и на својата иднина, Ердоган наведе дека загадувањето на морето, исушените извори на вода, намалувањето на шумските површини и зголемувањето на неплодноста претставуваат закана кон човештвото.
„Во тој контекст е важно да се делува разумно и да се размислува за заштитата на природата. Во спротивно, природните катастрофи нема да можат да се спречат“, порача Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган понатаму наведе дека неговата земја е една од водечките во светот во борбата за заштита на природата и во превенција на загадувањето на околината.
„Посебна важност даваме на проектите на планската заштита на околината, планската урбанизација. Пошумувањата и превенциите на нарушувањето на екосистемот. Турција е лидер во светот во борбата против ерозијата и е една од ретките што ги зголемуваат шумските површини. Во изминатите 19 години го зголемивме подрачјето за садење од 3,6 на 9,2 милиони хектари, а шумските површини ги зголемивме од 20,8 на 22,9 милиони хектари“, рече Ердоган.
Тој исто така наведе дека Турција го зголемила бројот на паркови на природата од 17 на 250, дека на 40 отсто го зголемила производството на енергија од обновливи извори и дека го зголемила бројот на плажи со сини знамиња од 127 на 519.
„Паралелно со сите овие проекти кои се важни за природата, ме радува и тоа што кај нашите граѓани, а посебно кај младите, расте свеста за заштита на околината. Ќе продолжиме да работиме на тоа светот да го направиме поубаво и попријатно место за живот. По повод Светскиот ден за заштита на животната средина, ги повикувам сите луѓе да водат повеќе грижа за заштитата на нашата животна средина и на нашите природни ресурси“, порача Ердоган.