Kaan Bozdoğan
21 Април 2020•Ажурирај: 21 Април 2020
ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека пандемијата на Ковид-19 во контекст на економските последици, прерасна во најголемата криза по Втората светска војна, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Оваа пандемија во основа е здравствен проблем, но и во контекст на економските последици таа прерасна во најголемата криза по Втората светска војна“, изјави Ердоган на состанокот на Централниот извршен комитет на турската владејачка Партија за правда и развој (AK Parti), одржан преку видеоконференција.
Во својот говор Ердоган истакна дека Турција, како и целиот свет, води интензивна борба со епидемијата на коронавирусот.
Истакнувајќи дека целта е да се обезбеди највисока усогласеност на мерките во борбата против Ковид-19 во текот на рамазанските празници, Ердоган рече дека се надева дека по Рамазан Бајрам во Турција ќе започне нормалниот живот.
„Турција, за прв пат по Втората светска војна, доби можност да биде во жижата на процесот на реструктуирање на глобално ниво“, нагласи Ердоган, додавајќи дека исто како и борбата против епидемијата, важно е и тоа како Турција ќе се подготви за новата ситуација што ќе се појави во светот и регионот по епидемијата.
Истакнувајќи дека разликата на Турција во борбата против коронавирусот од останатите земји е силната здравствена инфраструктура, Ердоган рече дека Турција ги презела навреме неопходните мерки.