Турција

Ердоган: „Ноќта на 15 јули Турција сакаа да ја завијат во црно, но не успеаја“

„Ниедна предавничка мрежа, ниту која било терористичка организација, никогаш нема да ја разниша нашата слога, единството и братството“, нагласи Ердоган

Ekipa  | 15.07.2019 - Обновена : 17.07.2019
Ердоган: „Ноќта на 15 јули Турција сакаа да ја завијат во црно, но не успеаја“

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во своето обраќање по повод 3. годишнина од неуспешниот обид за пуч во Турција, истакна дека оние кои се обидоа да изведат државен удар, со тоа не добија ништо и дека тоа нема да го остварат ни во иднина, јавува Anadolu Agency (AA).

По повод третата годишнина од неуспешниот обид за воен удар, ширум Република Турција денес се одбележува Денот на демократијата и национално единство. Вечерашниот собир во Истанбул е организиран симболично на аеродромот Ататурк, аеродромот на кој турскиот претседател Ердоган слета во ноќта на 15 јули и таму се обрати на многубројните граѓани.

Ердоган, во придружба на сопругата Емине Ердоган, пристигна на истанбулскиот аеродром, каде го чекаа десетици илјади собрани граѓани од сите делови на Турција.

Програмата започна со учење на делови од Куранот. Ердоган потоа се поздрави со група граѓани кои на 15 јули застанаа во одбрана на татковината и демократијата.

Програмата продолжи со читање на имињата и презимињата на 251 шехид од 15 јули. Истовремено, со читањето на имињата на  турските граѓани кои ги дадоа своите животи во ноќта на 15 јули во 2016 година, на големите екрани на аеродромот се истакнаа и нивните фотографии со нивните имиња. Читањето на имињата на шехидите проследено е со емоции на присутните, а многумина од нив, меѓу кои и бројни семејства на жртвите, читањето на имињата го проследија со солзи.

Потоа се обрати турскиот претседател Ердоган, кој рече дека оние кои се обидоа да изведат државен удар не добиле ништо со тоа и како што рече, со Божја помош, нема тоа да го остварат ниту во иднина.

„Ниедна предавничка мрежа, ниту која било терористичка организација, никогаш нема да ја разниша нашата слога, единство и нашето братство", порача Ердоган и додаде:

„Додека таа ноќ народот ја бранеше својата независност на улица, народните пратеници стоеја таму одлучно поради демократијата и народната волја. Се надевам дека никој по 15 јули нема ниту да помисли да се обиде да ја загрози народната волја", рече Ердоган.

- Ердоган: „Сакаа да ја завијат во црно Турција, но не успеаја"

Потсети дека во текот на претходните државни удари во Турција никогаш не е нападната зградата на Парламентот на оваа земја и дека на денешниот ден пред три години, дури и тоа било направено.

„Во претходните државни удари, иако е нападната волјата на народот, иако е нападнат духот на Парламентот, зградата на нашето собрание никогаш не била цел. Злосторниците кои на 15 јули се обидоа да го изведат пучот, дури и тоа го направија", порача Ердоган и додаде:

„Во ноќта на 15 јули сакаа Турција да ја завијат во црно, но не успеаја. Господ сакаше да паднат во замките кои ги поставија. Турција никогаш нема да ја преземат расипници кои му ја предадоа душата на ѓаволот."

Турскиот претседател истакна дека никој не може да го пороби турскиот народ се додека тој народ ќа чува својата вера и ги чува своите потомци.

„Сè додека ја чуваме нашата вера, нашата историја и нашата култура, и што е најважно, нашите потомци, со Божја помош, никој не може да ја окупира оваа земја и никој не може да го пороби овој народ“, порача Ердоган.

На крајот од обраќањето Ердоган се осврна и на темите околу одбранбениот протввоздушен ракетен систем S-400, кој неговата земја го набавува од Русија, а чиј транспорт во Анкара веќе започна пред неколку дена. Ердоган рече дека многу говореле дека Турција не е во состојба да го набави овој систем и нагласи дека неговата испорака е во тек.

„Системот S-400 во потполност ќе биде распореден и функционален до април 2020 година", порача Ердоган.

Програмата на аеородромот „Ататурк" заврши со читање молитва, која ја прочита претседателот на Управата за верски работи на Репубика Турција, Али Ербаш.

На босфорскиот Мост на шехидите на 15 јули денес свечено е отворен и Музејот на сеќавање на 15 јули.

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година. Станува збор за терористичката организација која ја предводи Фетула Ѓулен кој  живее во САД, а чие испорачување Турција официјално побарала од САД.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја држава во која е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа турски официјални функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети се околу 2.200 лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın