Mümin Altaş
12 Јули 2021•Ажурирај: 13 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе стори сè што е можно за нејзините млади луѓе да не бидат жртви на тероризмот и терористичките организации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денес во Анкара одржа говор на Самитот на млади на Република Турција.
„Нема да дозволиме ниту еден од нашите млади луѓе да исчезне во монструозните запчаници на тероризмот“, порача турскиот претседател во обраќањето и додаде:
„Нема да им дозволиме на оние кои се обидуваат да профитираат од крвта на младите луѓе“, рече Ердоган.
Истакна дека другите немаат право да ѝ држат лекции на Турција за човековите права и демократијата.
„Дамките на срамот од историјата на оние кои нам ни држат лекции за човековите права, за демократијата и слободата, една по една, од Европа до Канада, полека излегуваат на виделина“, рече Ердоган, напоменувајќи го значењето на младите за напредокот и развојот на државата.
„Особено оние што го претставуваат народот треба да бараат начини да ги искористат визиите на младите и нивните единствени погледи на светот и животот. Тоа отсекогаш се обидувавме да го правиме во последните 19 години, како што тоа го правевме во секоја фаза од нашиот политички живот повеќе од 40 години“, истакна Ердоган.
Тој уште еднаш им оддаде почит на настраданите по повод 26-годишнината од геноцидот во Сребреница, напоменувајќи дека овој геноцид, извршен во срцето на Европа, пред очите на Обединетите нации (ОН), ќе остане црна дамка во историјата на човештвото.
„Иако поминаа 26 години, раните на нашите 8.372 браќа кои се ѕверски убиени во Сребреница и понатаму крварат во нашите срца. Со секоја откриена масовна гробница нашата болка расте. Овие гробници исто така нè потсетуваат на нашата обврска да не го заборавиме геноцидот и да не дозволиме да биде заборавен. Како што рече покојниот Алија Изетбеговиќ, 'заборавениот геноцид се повторува'. Мораме да постапиме вака за да не искусиме повторно слична болка и за да го постигнеме тоа Западот да се соочи со реалноста на геноцидот“, порача Ердоган.