Erdoğan Çağatay Zontur
04 Септември 2019•Ажурирај: 05 Септември 2019
СИВАС (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција и еден век по Конгресот во Сивас порачува дека никогаш нема да прифати ничиј протекторат, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешен ден пред точно 100 години во Сивас е одржан Конгрес на кој делегатите од цела Турција, предводени од Мустафа Кемал Ататурк, усвоија низа важни одлуки за борбата за независност и целовитост на турската држава.
На свеченото одбележување на јубилејот во Сивас, Ердоган оддаде почест на сите делегати на тогашниот Конгрес и истакна дека таму е запален факел за борба за независна и целовита Република Турција.
„Еден век по тоа, повторно порачуваме дека мандатите и потчинетоста никогаш нема да бидат прифатливи“, порача Ердоган.
Нагласувајќи дека духот на Сивас не е дух на поделби, туку дух на единство и слога, Ердоган изјави дека политичките опции кои немаат поддршка во Сивас не можат да остварат ниту успех во остатокот на Турција.
„Државата е целина во рамките на државните граници. Нашата држава, знаме, татковина, народ и независност се наша гордост и чест. Кршевме и ќе ја кршиме раката на секој кој ќе ја дигне на нашата држава, знаме и независност“, порача Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган денеска исто така најави дека проектната изградба на брзата железничка пруга до Сивас ќе биде завршена до наредниот Рамазански бајрам.