Турција

Ердоган: „Испративме помош во 157 земји и пред светот ја покажавме великодушноста на турскиот народ“

„Веруваме дека Турција ќе ги надмине предизвиците и тешкотиите предизвикани од пандемијата на коронавирусот и дека од неа, со Божја помош, ќе излезе уште посилна“

Çiğdem Münibe Alyanak, Berk Özkan  | 11.04.2021 - Обновена : 13.04.2021
Ердоган: „Испративме помош во 157 земји и пред светот ја покажавме великодушноста на турскиот народ“ Фото: Mustafa Kamacı/АА

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција води одлучна борба против пандемијата на коронавирусот, и притоа им помага и на другите држави во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Ќе ја продолжиме нашата борба против пандемијата, почитувајќи ги притоа сите потребни мерки. Исто така, досега испративме помош до 157 земји и 12 меѓународни организации, со што на целиот свет му ја покажавме великодушноста на Турција и турскиот народ“, рече Ердоган за време на состанокот со претставниците на Унијата на меѓународни демократи (UID) во Претседателската резиденција во Истанбул.

Нагласи дека Турција силно и ефикасно се бори против коронавирусот и дека по пандемијата ќе биде уште посилна.

„Веруваме дека Турција ќе ги надмине предизвиците и тешкотиите предизвикани од пандемијата на коронавирусот и дека од неа, со Божја помош, ќе излезе уште посилна“, рече турскиот претседател.

Тој потсети дека и покрај сите предизвици, Турција во 2020 година оствари економски раст од 1,8 отсто, додека многу светски економии истовремено претрпеа големи загуби и пад.

„Верувам дека со делувањето во текот на последната година јасно ја покажавме разликата помеѓу старата и новата Турција“, истакна Ердоган.

Тој рече дека Турција во текот на последните две децении постигнала бројни успеси и достигнувања на многу полиња.

„Заедно со нашите граѓани, со жените, со младите, Турција во текот на последните 19 години оствари бројни рекорди и успеси“, порача Ердоган.

Истакна и дека денес во Европа живеат речиси шест милиони луѓе со потекло од Турција.

„Некогаш таму имаше само работници, а сега се присутни во сите сфери на општеството, од деловниот свет, образованието, академската заедница, цивилното општество и политиката. Горди сме кога гледаме дека европските Турци сега уште повеќе придонесуваат за политичкиот, културниот, економскиот и општествениот живот на земјите во кои живеат“, рече Ердоган наведувајќи го примерот на директорот и коосновач на биотехнолошката компанија „БајоНТех“, проф. д-р Угур Шахин, и неговата сопруга д-р Озлем Туреџи, кои се по потекло од Турција:

„Успехот на нашите професори Угур Шахин и Озлем Туреџи во развојот на вакцината против Ковид-19 јасно покажа што може да сторат нашите луѓе доколку им се пружи можност и поддршка. Ваквите добри примери, исто така, даваат самодоверба и храброст не само на европските Турци туку и на другите заедници на имигранти.“

Ердоган ги коментираше и последните случувања меѓу Украина и Русија, напоменувајќи дека Турција ги презема потребните напори за да помогне во смирувањето на тензиите во тоа подрачје.

„Сакаме Украина и Русија што поскоро да ги решат своите спорови преку преговори и по мирен пат за мир и безбедност на целиот наш регион“, истакна Ердоган.

Тој им го честита на муслиманите претстојниот месец на постот, Рамазан.

„Изразувам желба овој благословен месец да биде месец на милоста, изобилството, мирот и благосостојбата за нашиот народ, исламскиот свет и целото човештво“, порача Ердоган.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın