Etem Geylan,Kaan Bozdoğan
14 Април 2018•Ажурирај: 14 Април 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараше со британската премиерка Тереза Меј, а тема на нивниот разговор беше воената интервенција во Сирија, јавува Andolu Agency (AA).
Од извори блиски на Кабинетот на турскиот претседател потврдено е дека Ердоган разговарал со Меј за воената интервенција во која САД, Велика Британија и Франција бомбардираа неколку позиции на режимот на Асад утринава, а се работи за капацитетите на хемиското вооружување во Сирија.
Меј го информираше Ердоган за деталите на интервенцијата, чиј учесник беше и нејзината земја, додека пак, Ердоган подвлече дека неговата земја претходно јасно ја осудила употребата на хемиско оружје.
Ердоган додаде дека е неопходно да се запре насилството на режимот на Асад што го спроведува врз народот со употреба на хемиско и конвенционално оружје и дека единствено решение за одржлив мир во Сирија е да се најде политичко решение.
Меј на денешната прес-конференција во британската Влада потврди дека четири британски борбени авиони „Торнадо“, во заедничка операција со САД и Франција, бомбардирале воен објект, 25 километри западно од Хомс, а дека се работи за складиште на хемиско оружје на режимот на Асад .
„Во тек се проценките за успехот на нападите, но веруваме дека тие биле успешни. Ние се согласивме со сојузниците дека воената операција ќе биде легитимна и точна“, рече Меј, и потсети дека во Дума е извршен напад со хемиско оружје и дека сите докази укажуваат на тоа дека зад него стои сирискиот режим.