Emin Avundukluoğlu
24 Јули 2018•Ажурирај: 26 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес, на состанокот на парламентарната група на Партијата на правдата и развојот (AK Parti), го критикуваше контроверзниот израелски Закон кој повикува на „еврејска држава-нација“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Оваа регулатива е доказ дека Израел без сомнение е најционистичка, најфашистичка, најрасистичка држава во светот“, изјави Ердоган.
Тој истакна дека нема разлика меѓу заблудата на Хитлер за ариевската раса и ставот на израелските власти, тамошната Света Земја да им припаѓа само на Евреите.
„Духот на Хитлер, кој светот го вовлече во пропаст, оживеа меѓу некои израелски водачи“, изјави Ердоган.
„Го повикувам исламскиот и христијански свет, сите демократски и либерални земји во светот, институции, невладини организации и медиуми, да настапиме против Израел“, додаде тој.
Минатата недела, израелскиот Парламент (Кнесет), со 62 гласа „за“ и 55 „против“, го усвои Нацрт-законот кој Израел го дефинира како „еврејска држава-нација“, а кој предизвика големи полемики и критики во тој регион.
Со спорниот закон, хебрејскиот јазик е прогласен за единствен официјален јазик, додека арапскиот го изгуби тој статус. Се охрабрува изградбата на еврејските населби и цел Ерусалим (Кудс) се прогласува за главен град на Израел.
По усвојувањето на Нацрт-законот, Нетанјаху во Кнесетот изјави: „Ова е одредувачки момент во аналите на ционизмот и историјата на државата Израел“.
Турција го осуди ваквиот Закон кој се обидува да им ги одземе правата на Палестинците.