Sibel Uğurlu
29 Мај 2018•Ажурирај: 29 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека на силна влада ѝ треба поддршка од силен парламент и додаде дека владејачката турска Партија за правда и развој (AK Parti) во новиот состав на Парламентот треба да има натполовично мнозинство, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Доколку зборуваме за формирање силна власт, тоа значи дека владата ја формира силен парламент. Во тој контекст, бројот на пратеници е многу важен. Потребен ни е силен парламент за да имаме силен претседател“, изјави Ердоган во интервју за турската телевизија „Хабертурк“ (Haberturk).
Истакнувајќи дека очекува владејачката АК Партија на предвремените избори на 24 јуни да освои повеќе од 300 пратенички места во Големото народно собрание, кое ќе брои вкупно 600 пратенички места, Ердоган рече дека АК Партијата и нејзиниот партнер во Народната алијанса, Партијата на националното движење (МХП) ќе работат на јакнење на солидарноста во највисоките законодавни институции на Турција.
Ердоган изјави дека во идниот политички систем на Турција би можело да има еден или двајца потпретседатели на државата.
Предвремените претседателски и парламентарни избори во Турција ќе се одржат на 24 јуни оваа година, а во изборната трка учествуваат осум политички партии.
Големото народно собрание на Република Турција неодамна усвои пакет измени и дополнувања на Законот кои се однесуваат на усогласување на нормите и спроведување на уставната реформа која е одобрена на минатогодишниот референдум, а со која Турција преминува од парламентарен во претседателски систем на управување.
Со усвоениот пакет е усогласен и Изборниот закон на Турција, по кој ќе бидат одржани претстојните предвремени претседателски и парламентарни избори.
Во согласност со уставните измени, се укинува позицијата на премиерот, а извршните овластувања по изборите ги презема претседателот на државата. Законодавните овластувања и понатаму ќе бидат концентрирани во Парламентот, со тоа што Парламентот ќе брои 600, наместо досегашните 550 пратенички места.
Претседателот на државата и Парламентот се бираат на мандат од пет години.
За победа на претседателските избори кандидатот мора да освои натполовично мнозинство гласови, а во случај ниту еден кандидат да не го оствари тоа, за 15 дена ќе биде одржан втор круг избори во кои би учествувале двајцата кандидати кои во првиот круг освоиле најмногу гласови.
Ердоган на функцијата претседател беше избран на изборите во 2014 година и е прв директно избран претседател на Турција. Во случај на победа на јунските избори, ќе стане и прв претседател на Турција со широки овластувања што ќе му ги даде претседателскиот систем на управување со државата.
На Ердоган на престојните избори ќе му се спротивстават пет противкандидати: Мухарем Инџе, Мерал Акшенер, Селахатин Демирташ, Темел Карамолаоглу и Догу Перинчек.
Уште една новост на престојните избори во Турција е и тоа што политички партии прв пат ќе настапат здружени во алијанса. Владејачката АК Партија на изборите ќе настапи во состав на Народната алијанса во која уште е и досегашната опозициска МХП. Најсилната опозициска Народна републиканска партија (CHP) влезе во Националната алијанса во која се и неодамна формиранaта Партија IYI, Саадет партијата и Демократската партија.
Турскиот претседател во синоќешната ТВ-емисија остро ги критикуваше властите на САД поради поддршката на групата ПЈД/ЈПГ, која е сириски огранок на терористичката организација ПКК.
„Ни малку не ми се допаѓа нивниот пристап на кризата во Сирија, особено во северниот дел на Сирија каде што доставија 5.000 шлепери и 2.000 карго авиони полни со оружје и муниција. На кој и против кој ги доставивте таму? Турција со Сирија дели 911 километри долга граница. Америка таму подигна 20 воени бази, на кој и против кој? Тоа е турската граница“, изјави Ердоган.
На прашањето дали конфликтите меѓу Турција и САД ги предизвика американскиот претседател Доналд Трамп или тие се последица на политичкиот систем на САД, Ердоган порача дека Турција и понатаму се надева дека администрацијата на Трамп ќе започне поразлични процеси од оние што се на сцена во последните неколку години.
„Неприфатливо е САД да им ги доставуваат бесплатно сите видови оружје, муниција и опрема на терористите во северниот дел на Сирија, а на Турција не сакаат да ѝ продадат оружје ни за пари“, заклучи Ердоган.
ПЈД/ЈПГ е терористичка организација која на северниот дел на Сирија дејствува под плаштот на т.н. Сириски демократски сили (СДС). Турција предупредува дека станува збор за сириски огранок на терористичката организација ПКК, а САД сметаат дека СДС се веродостоен партнер во борбата против терористите на ДЕАШ.
Aмериканската поддршка на терористите на ПЈД/ПКК е камен на сопнување во американско-турските односи кои се оптоварени со низа отворени прашања, вклучувајќи ја и американската политика во Ерусалим (Кудс) и неизвесниот одговор на САД на барањето на Турција за испорачување на Фетула Ѓулен, кој на чело на терористичката организација ФЕТО во јули 2016 година изврши воен удар во Турција.