Selma Kasap
11 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека утре ќе ги соопшти чекорите кои неговата земја ќе ги преземе по нападот врз турската војска во Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За секој напад врз турските војници ќе платат висока цена“, изјави Ердоган во обраќањето во Анкара на церемонијата на доделување награди на заслужните граѓани, коментирајќи ги и последните напади на турските сили во Идлиб.
„Адекватно одговоривме на нападите во Идлиб, тоа и ќе продолжиме да го правиме“, додаде турскиот претседател, изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите турски војници.
„Во артилерискиот напад на режимските сили во Идлиб во понеделникот пет турски војници ги положија животите како шехиди, додека петмина се ранети“, соопштено е од Министерството за одбрана на Турција.
Истакнато е дека режимските сили интензивно извршуваат артилериски напади на силите кои во регионот се пратени за да ги спречат судирите во Идлиб, да ги обезбедат границите, да спречат понатамошни миграции и хуманитарна криза.
Сместена на северозападниот дел на Сирија, покраината Идлиб е средиште на опозициски и антирежимски вооружени групи од избивањето на граѓанската војна во 2011 година.
Моментално е засолниште за околу 4 милиони цивили, вклучувајќи стотици илјади раселени кои од домовите низ Сирија ги протераа режимските сили.
Зборувајќи за големиот напредок кој Турција го постигна во претходните години, Ердоган истакна дека неговата земја напредувала во многу области.
„Турција силно напредуваше, не само во областа на политиката, економијата и одбраната, туку и на полето на културата, уметноста и книжевноста. Нашата цивилизација заговара љубов. Затоа треба да ги познаваме и чуваме богатите културни вредности што ги поседуваме“, изјави Ердоган за присутните.