Tevfik Durul
11 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
АНКАРА
Американската амбасада во Анкара повика на итен прекин на огнот во Сирија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Амбасадата објавено на Твитер се истакнува дека американскиот специјален претставник за Сирија, Џејмс Џефри, во Анкара ќе се сретне со високи турски претставници за пронаоѓање политичко решение за кризата во Сирија, по воениот напад на режимот на Башар Асад во Идлиб, со поддршка на Русија.
Во соопштението се привлекува внимание за „дестабилизирачките“ активности на Русија, Иран, Хезболах и режимот на Асад, и се нагласува дека во согласност со Резолуцијата 2.254 на Советот за безбедност на Обединетите нации треба да се прогласи прекин на огнот низ целата територија на Сирија.
„Дестабилизирачките“ активности на Русија, Иран, Хезболах и режимот на Асад, како што се вели во соопштението, исто така ги спречуваат стотиците илјади луѓе раселени на северот на Сирија да се вратат во своите домови.
„Бараме итен прекин на огнот и хуманитарните организации да имаат целосен пристап до областите погодени од конфликтот, со цел да ги ублажат страдањата на стотици илјади луѓе кои бегаат од бомбашките напади кои се реализираат непрекинато“, се нагласува во соопштението на Американската амбасада во Анкара.