Aynur Ekiz
12 Февруари 2020•Ажурирај: 13 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара порача дека Турција, во случај на нов напад врз турската Војска во Сирија, ќе ги суспендира договорите и ќе ги нападне режимските сили каде и да се наоѓаат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган говореше на редовниот состанок на парламентарната група на Партијата за правда и развој (АК), и притоа се осврна на актуелните случувања. Во фокусот на обраќањето на Ердоган беа последните напади на силите на сирискиот режим врз турската Војска во Идлиб.
Тој порача дека Турција нема да толерира ничија ароганција ниту провокации.
Нагласи дека „Турција нема да биде нем набљудувач на нападите врз цивилите во Сирија дури ни кога сите други ќе ги затворат очите, го свртат грбот и кога ќе ја замрзнат својата совест“.
„Во случај на нов напад врз нашата војска во Идлиб, Турција ќе ги суспендира договорите и ќе ги напаѓа силите на режимот каде и да се наоѓаат“, порача Ердоган.
Турскиот претседател повтори дека Турција е одлучна во тоа силите лојални на режимот на сирискиот претседател, Башар ал Асад, да се исфрлат надвор од границите на деескалационата зона во Идлиб, односно зад контролните пунктови на турските сили.
„Без двоумење и калкулирање, од копно и од воздух ќе сториме сè што треба тоа и да го постигнеме“, порача Ердоган, потсетувајќи дека рокот за повлекување на режимските сили е крајот на февруари.